Завршува тешката сезона

Фудбал

Минатата сезона беше мошне тешка за Победа, по учеството во бараж-мечот за опстанок во Втората лига, но и оваа сезона што привршува е многу слична со претходната. Драматика се најавува со последниот меч дома со гевгелиски Кожуф. Гостите победија 2:1, а прилепскиот тим успеа да го ублажи поразот со голот на Јасин Казимоски.

По овој пораз, доколку се случеше Осогово да победи, тогаш за Победа пак ќе имаше грижи. Но, Осогово загуби од Саса, така што сега Победа нема опасност да биде во бараж. Чиста формалност е последното првенствено гостување кај Детонит во Радовиш.

Табела: Македонија ЃП 64, Башкими 63, Арсими 62, Брегалница 58, Детонит 43, Саса и Охрид 42, Беласица 40, Кожуф и Скопје 36, Новаци 35, Вардар Н. 33, Победа 32, Осогово 26, Борец 14, Вардарски 11.

Имаше радост, а немаше гол!

Нешто несекојдневно се случи во 95. минута од мечот Победа – Кожуф. Беше досуден пенал за Победа, можност за израмнување на 2:2. Од белата точка ударот го изведе најдобриот стрелец на Победа, Филип Димоски. Гостинскиот голман се фрли на спротивната страна, беше немоќен, бидејќи ударот беше во спротивната лева страна. Многумина од домашната публика се израдуваа со скокање и со извици, но… Веднаш потоа чудна сцена. Домашниот играч се фати за глава, а голманот гостински се радуваше.

Што навистина се случи? Топката помина покрај дирекот, удри во држачот на мрежата и се одби во правецот зад мрежата, што значи дека гол немаше.

Loading