НОВАТА ГРАДИНКА БАЈКА – БАЈКА ЗА ВЕСЕЛИ ДЕЦА

ИНТЕРВЈУ ХРИСТИНА ТРПЧЕСКА, директор на ЈОУ Детски градинки Наша иднина”

Со пуштањето во употреба на новата градинка Бајка, практично се преполови листата на чекање од 300 деца.

Отворањето на новиот објект Бајка во голема мерка го ублажува проблемот со згрижување на децата од предучилишна возраст. За целосно решавање на проблемот, потребно е и во нашата општина, а и во сите поголеми општини, отворање на нови капацитети за престој на деца од предучилишна возраст.

Од стартот на изградбата во април 2021, детектирани беа пропусти при проектирањето. Кога ќе биде целосно ставен во фунција со полн капацитет?

Објектот е безбеден, што е потврдено со извештај за извршен технички преглед од надзорни инженери, потврди за испитан отпор на громобранско заземјување, отпор на заштитно заземјување, струја на куса врска и струја на исклучување, отпор на изолација на кабли, функционалност на уреди за диференцијална струјна заштита, потврда за исправност на електричните инсталации итн… На стартот ќе бидат запишани околу 150 деца. Проектирани се 3 простории за деца до 2 годишна возраст. Со оглед на тоа што две од занималните не ги исполнуваа условите според правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, не може да се користат за престој на деца, туку само како соби за спиење.

Бајка е нов современ објект, изграден по сите стандарди?

Изградбата е финансирана од општината Прилеп. Опремувањето со инвентар и апарати за кујната од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Во каква состојба се останатите објекти од ЈОУ Наша иднина?

Неколку години се набавува ситен инвентар за кујните, постелнина, играчки и дидактички материјали, инвентар за занималните. Беа набавени и професионални правосмукалки, машина за чистење на подови, косилки за трева, теписи, антибактериски ламби, се менуваат внатрешни врати, се прави обнова на подовите… Лани се реконструирани покривот и оградата во објектот Бончејца.

Инклузијата успешно се спроведува?

Уште се реализира проектот ,,Инклузија на деца Роми во предучилишните установи во РМ‘‘. Децата Роми престојуваат во објектот Тризла. Инклузијата на деца со пречки во развој во ЈОУДГ ,,Наша иднина‘‘е целосна, односно децата се згрижени во групите заедно со нивните врсници.

Покриеноста со персонал за работа и што со недостатокот од стручни лица?

Добра е покриеноста со персонал. Во однос на стручните работници и соработници, вработени се дефектолог, двајца логопеди и професор по физичко воспитание и образование. Секоја година е поголем бројот на деца со пречки во развојот. Оттука, произлегува потребата од ангажирање на дополнителен персонал да помага во работата. Имам сознанија дека со новиот Закон за заштита на децата и тој детектиран проблем ќе биде надминат.

Со кои предизвици се соочувате како менаџер и потребата од корекција на цената за престој?

Цената за целодневен престој е 1490 денари месечно. Верувам дека сите се сложуваат дека сумата е премногу ниска. Родителите и ние, вработените во градинките, сме партнери кои играат клучна улога во предучилишниот раст и развој. Практикувам искрена соработка со родителите, транспарентност и достапност. Треба повеќе да размислуваме во насока дека на родителите им треба помош при воспитувањето и образованието на децата, па можеби и да се потрудиме да организираме Советувалишта за родители заедно со други институции. Редовно добиваме поддршка од неколку општествено одговорни компании од Прилеп. За донациите сме искрено благодарни, затоа што придонесуваат за подобрување на условите.

Најавата за изградба на нов објект во населбата Рид ќе ги исполни ли очекувањата за целосен опфат на децата од предучилишна возраст?

Во детските градинки многу години се бара место повеќе. Сметам дека на Прилеп му е потребна уште една детска градинка. Иднината ше покаже дали ќе биде доволно.

Улогата на згрижувањето во сертифицирани установи за престој на децата како подготовка за продолжување во училиште?

Се работи по Програма за рано учење и развој. Развојот претставува процес на промена, кој е резултат на почитување на индивидуални карактеристики на детето, следење на неговите внатрешни сили и природниот развој во кој детето ги зголемува и ги зајакнува вештините за движење, размислување, чувствување, зборување. Воспитувачите преземаат активности за креирање на услови за сознавање и учење по пат на игра, интеракција (дете- дете, дете- возрасен), активирање во истражувачко-откривачки процеси и решавање на различни проблемски ситуации на секое дете, со што се поттикнуваат и развиваат моторичките, јазичните, когнитивните и социо – емоционалните вештини. Ова се клучни детерминанти во процесот на развој, учење и постигањето успех во понатамошниот живот.

Објектот чини 133 милиони денари

Градоначалникот Борче Јовчески на отворањето на објектот, истакна дека градинката ја начекал во состојба на карабина, без платен ниту денар.

– За градинката не беше платен ниту денар за ниту една ситуација. Изградена е од буџетот на Општината со 133 милиони денари. Изградена е од грбот на граѓаните. Доцнењето се должи на низата забелешки и пропусти, присутни од проектирањето до крајот на изведбата – изјави Јовчески,.

Опрема од 9 милиони денари

Градинката може да згрижи 218 деца. Вработени се 25 лица.

– Министертвото за социјална политика, демографија и млади учествуваше во набавката на опрема со 9 милиони денари – рече Ѓоко Велковски, заменик министерот за Социјална политика, демографија и млади.

Loading