За манифестацијата Денови на Крали Марко, вечерва од 19.30 часот, во фоајето од ЦК “Марко Цепенков” ќе се одржи концертниот проект “Гласови под кулите”, кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското. Концертот е во организација на Општината во соработка со НУЦК “Марко Цепенков”
Концертот води на патување низ вековите и планините, од изворни гласови и митски јунаци, преку сенки од Шара, до спомени од детството и народните приказни и еха од европскиот среден век, потрага по заедничките елементи носени од европското музичко минато и древното во фолклорот. Навидум концертот е полн со спротивности и неспоиви песни и инструменти. Тоа еден свој свет и свет на естетика.
Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор. Од “Гласот ми се чуе горе в планината” и “Крали Марко и Митре Тирочанче”, “Зајде сонце, зајде” концертот ќе обедини во уникатен музички концепт. Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Машките и женските гласови во мистичен разговор со лирата, дудукот, дефот, загадочното одѕвонување на сантурот и космичноста на клавијатурите, се слушаат низ камените ѕидини и духот на стариот Варош, носејќи бранови од минатото и емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.
Ќе настапат Ана Митоска (вокал, сантур), Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…), Зоран Беговски (кавал, деф, вокал), и Симон Облешевски (клавијатури). Ќе оживеат легендите и звуците, носени оддалеку кои остануваат длабоко во нас.
Програмата е жив организам од музички реликвии, автентични интерпретации и нова инспирација што ги комбинира сите тие елементи и различни периоди на еден уникатен начин.
![]()

