Страшо Митрески (64), производител на режано цвеќе
Датумите во животот се важни за човекот, но уште поважни се за цвеќињата. Во бизнисот со режано цвеќе, отворањето на пупката е пресудно за успех, затоа што ако помине празникот, интересот на купувачите минува.

Со трката на понуда на расцветани круни, веќе три децении се занимава Страшо Митрески (64). Тој го држи рекордот за маж низ чии раце минало најмногу рози, кали, далии, ириси, лалиња, гладиоли, хризантеми и други затоа што цел работен век негува цвеќе за продажба, најпрвин за сопствениот дуќан, а подоцна и за продажба на цвеќари. Најстар огледувач на режано цвеќе е во градов кој ја знае душата на секоја билка, што и треба и кога за кога ќе процвета да биде привлечна и го разнежни срцето на тој што ќе го добие цветот или го украси домот со својот мирис, форма и боја.

– Најважно е понудата на цвет кој е отворен да биде за одредениот датум, дали е верски или државен празник, манифестации, прослави кога и побарувачката е најголема. Периодот на цветање е клучен, зашто, ако мине денот, бадијала е понудата. Според периодот ги прилагодувам сите активности – вели мајсторот за режано цвеќе Страшо Митрески.

Открива дека бизнисот нема традиција. Почнал случајно, со продажба на вештачко цвеќе на плочникот, сега да одгледува на 3000 м2 пластеничко производство, а на околу 1000 м2 на отворено со зеленило кое е дополнителен декор на букетот.

– Првин беше купи – продај. Потоа го отворив дуќанот. Стартував со холандски материјал, ги следев нивните инструкции, и увидов дека треба да ги прилагодувам условите според нашиот климатски амбиент. Идеалните услови кои им се потребни на растенијата ги постигнував со обезбедување на дополнително наводнување, затоплување, засенување, проветрување, прихранување. Клучни се сончевите саати кои различно му се потребни на секој цвет. Праксата и искуството ме научија точно да го планирам производството. Користам и потребна прихрана, прилагодена на видот на цвеќето – објаснува Митрески.

Неуморен е во следењето на системот капка по капка, развојот на растенијата, нивното следење, а се случува да ја повтори и сезоната на одредени видови цвеќиња. Да се знае како дишат билките, најважна била љубовта кон работата.

– Работа од ќеф и љубов. Ако нема мерак, подобро и да не се почнува. Само со посветеност може да се добие квалитет и да се испише успешна приказна. Одгледувањето на цвеќе сака добро прогнозирање на потребата на пазарот. Кај нас допрва доаѓа времето на продажба на режано цвеќе. Ме радува што младите почесто земаат цвеќе да изразат внимание или си го разубават домот кое чини колку едно испиено кафе. Има надеж за бизнисот, во кој има период кога има голема и разновидна понуда на цвеќе, а побарувачката спласнува – вели Митрески.

Иако, нема наследници на бизнисот, верува дека по пензионирањето, дел од семенскиот материјал или ќе продаде или ќе отстапи на други да работат, но тој ќе биде во непосредна близина на различните живописни цветови со кои бил опкружен со децении.
Водата го дави коренот
Меѓу бројните совети кои ги нуди за оние кои не се вешти во грижата со цвеќињата, Митрески вели дека најчесто граѓаните грешат со полевањето.
-Прекумерната вода го скапува коренот на цвеќето. Наместо да се развива, се “дави и умира”. Секогаш полевањето не е добредојдено за растенијата. Важна е и прихраната која на билката и ги дава потребните елементи потребни за вегетација – вели Митрески.

МАЈ Е НАЈБОГАТ СО ЦВЕТОВИ
Во мај цветаат сите цвеќиња. Понудата од разновидни и разнобојни цветови е најголема која ги воодушевува сетилата за вид и мирис.