Од 6 до 13 јуни, 59. МТФ “Војдан Чернодрински”
Девет претстави во официјална и пет во независна програма се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински”, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни. Фестивалот ќе се одржи под мотото “Смеј се и осмели се”. Уметничкиот директор, Ана Стојаноска, ја објави програмата, посочувајќи дека наградите за животно дело на отворањето ќе им се врачат на актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски.
Ансамблот на прилепскиот театар ќе се бори за наградите со претствата “Бура” од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.
Уште не е познат редоследот на програмата во која ќе доминираат претстави со препознатлив став на режисерот и потребата да се создава автентична театарска продукција.
– За пофалба е поставувањето на неколку драми од македонски автори. Конечно може да се види и дел од идејата за етаблирање на домашната драма. Се обидов да ја раскажам актуелната приказна на современиот македонски театар која покажува како се однесува човекот во општеството и како тој е одговорен за текот на општеството. “Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената” е насловот на селекцијата тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Ќе може да се препознаат повеќе доминантни музички креации – посочи Стојаноска.
Според Стојаноска, театарот нé учи да бидеме храбри, на секоја ситуација да имаме коментар.
– Театарот ги крие двете маски, трагичното и комичното. Наједноставно е во тешките моменти да бидеме нервозни, ама треба да бидеме храбри и да се насмееме – рече Стојаноска.
По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски, Собранието донесе одлука наградата за музика ја именува според музичарот, кој што го изгуби животот во пожарот во Кочани. Стевановски беше актуелен директор на Центарот за култура во Штип.
На програмата ќе има детска зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Ќе биде ставени во фокусот актерот и долгогодишен директор на фестивалот Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
– Создаваме “музеј во движење” да го презентираме придонесот и влијанието на тројца мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност, која не би се ограничила само на деновите на фестивалот, туку да се случува постојано цела година. Во контекст на нашето мото “Смеј се и осмели се”, тројцата уметници се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – вели Стојаноска.
И годинава ќе има меѓународно жири, Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.