ЗА ПОЧИНАТИТЕ ВО ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ
Инвалидските пензионери на Здружението од Прилеп засадија 62 млади фиданки од јавор и бор пред манастирот Св. Петка лај селото Лениште. Акцијата беше во знак на почит за трагедијата со погибието на младите во дискотеката во Кочани на 16 март.

– На родителите, чии деца загинаа несреќно во “пештерата на смртта”, наречен Пулс не им требаат многу пари. Ним фиданките сигурно не им значат многу, кога ги немаат своите чеда. Ним им е потребно сочувство, разбирање и утеха, доколку може да им се даде. Сојузот на здруженијата на инвалидските пензионери, во рамките на можностите успеаја да обезбедат фиданки и да ги засадат за спомен на жртвите, рече претседателот на СЗИПМ, Кирил Ристески. Почит се оддаде со едноминутно молчење.

Локацијата е избрана пред споменикот кренат во чест на загинатите прилепски резервисти кај Карпалак во 2001 година.
Со засадување на повеќе фиданки на децата од основните и средните училишта, инвалидите би сакале да се развие просторот и да прерасне во парк на младите каде основците и среднистите би ги изведувале еднодневните екскурзии. Просторот може да се облагороди со инфраструктура за поетски читања на творби, посветени на скорешната незаборавна кочанска трагедија.
Асоцијацијата на прилепските инвалиди на овој начин се вклучи и во еколошката активност на Сојузот на пензионерите.
Деловна единица на Макеоднски шуми, Црн Бор од Прилеп дадоа фиданки од јавор и бор.