80 ГОДИНИ ОД ПОБЕДАТА НА ФАШИЗМОТ
“Денес светот и Македонија одбележуваат 80 години од победата над фашизмот. Минатото е платено со огромни човечки жртви и материјални загуби, непознати во историјата”.
Ова го рече историчарот Рубинчо Белчески од Завод и музеј и в.д претседател на Сојузот на борци на Македонија на изложбата по повод Денот на победата 9 мај и 50 годишнината од добивањето на највисокото признание Орден Народен херој на Прилеп.
Тој потсети што се случувало во Прилеп од почетокот на вооруженото востание на 11 октомври 1941 година, одлуките на АСНОМ, кои се основа за изградба на македонската државност, па се до ослободувањето.

Одбележувањето на 80 годишнината од победата над фашизмот се поврзува со 50 годишнината од прогласувањето на Прилеп за град херој, со доделувањето на Орденот и Повелбата за Град – Народен херој. Доделувањето се случило на голем митинг пред Паркот на Револуцијата во 1975 година по повод 4 јули, Денот на борецот. Прилеп е пореден меѓу 8 градови од поранешна Југославија.
Орденот Народен херој им е доделен на 15 прилепчани. Во Алејата на Народните херои се бистите на прогласените Кире Гаврилоски, Илија Игески, Орде Чопела, Борка Талески, Кузман Јосифоски, Мирче Ацев, Борка Левата, Рампо Левката, Лазо Филипоски и Круме Волнароски. Има петмина кои ја преживеале војната, Вера Ацева, Крсте Црвенкоски, Борко Темелкоски, Ѓоре Дамески и Атанас Забазноски, за кои постои иницијатива на боречката организација и Заводот и музеј за изработка на нивни спомен бисти.
Во Втората светска војна од Прилеп и прилепско, имало 8000 учесници, од кои 2700 активни борци со оружје во рака. Загинале 650, а 154 се носители на Партизанска споменица 1941, меѓу кои 33 жени.