Изложба на фотографии
Булки е насловот на изложбата на фотографии од Милан Темелкоски, што ќе биде отворена вечерва во 18 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Мотив се булките.
Темелкоски вели дека поттик е пејзажна слика на сликарот Кирил Гегоски. Нему му се прикажани булките во прилепската околина, уловени од неговото набљудувачко око.
– Тоа сликарско доживување остави силен впечаток. Почувствував потреба да ги забележам овие цветови и во својот медиум – фотографијата. Божуригите стануваат повеќе од мотив. Тие се сеќавање, симбол и визуелна медитација. Најголем дел од фотографиите се направени на Плаошник. Булките не се осамени, туку се дел од поширок пејзаж, во дијалог со старите камени ѕидини, зелените падини и бескрајното охридско синило. Црвенилото и синилото, небесно или езерско, се присутни речиси на секој кадар, како визуелна порака за нужното единство меѓу човекот и природата. Сликите се со успокојувачката питомина на планината Галичица и зелените прегратки на шумичките околу Плаошник и Самоиловата тврдина – вели Темелкоски.
Според Слободан Беличански, Темелкоски снима од различни ракурси, со изразена смисла за композиција и длабока почит кон мотивот.
– Секоја фотографија дише тивко, како сведоштво за нешто што вреди да се забележи, но и да се почувствува. Булките се симбол на животот и минливоста, на љубовта и смртта, на невиноста и отпорот – додава Беличански.
Милан Темелкоски е етаблирано фотографско име, кој фотографијата како страст ја негува повеќе децении. Неговото име е длабоко врежано во македонската фотографска сцена, посебно преку неговата работа во Институтот за старословенска култура и преку плодната соработка со театарот “Војдан Чернодрински” и истоимениот фестивал. Творештвото е препознаено во областа на археолошката, музејската и театарската фотографија, каде што умее да долови и документира културно-историски вредности со прецизност и емоција.