Потомците на нашите во светот
– Крстен бил по дедо му Алекса, кој на Водици се фрлал во американските води да го бара крстот во дваесетите години од минатиот век
– Големата прилепска заедница изградила црквата со името Свето Благовешетние, како прилепската, во градот Стелтон, во Пенсилванија во 1909 година
– Силен впечаток од Прилеп

„Мајмун, свињо една, седи мадро, нужник, локум, алва, сарма, таратур…“ Овие и многу други македонски зборови, не само што ги знае, туку и го познава значењето, 68 годишниот Алекс Кормушоф, бизнисмен од Чикаго со прилепски корени. Вели дека во крвта му се прилепските адети, задумани од дедо му Алекса од Прилеп. Уште ја празнува славата Свети Никола со посна сарма и грав на трпезата. Памети имендени што ги славеле неговите претци и родители. Пали свеќа во православната црква Свети Благовештение, градена од Македонците во градот Стелтон, во Пенсилвенија, положува цвеќе на гробовите на своите роднини и ги подучува децата со историја на земјата на своите. Иако е Американец, ја негува прилепската традиција на тлото на Јенките. Дури грижливо ги чува сликите на прилепчаните и другите Македонци, дојдени во потрага по подобар живот во “ветенета земја” во почетокот на минатиот век.

Четврта генерација Кормушофи во САД
Алекс Кормушоф е третото колено на семејството Кормушоски од Прилеп, заминати на печалба во Америка во почетокот на 20 век. Живеше Чикаго, а сега на западниот брег. Сопруг е и татко на син и две ќерки. Има брат со име Методи. Мајка му била од Сицилија. Стручњак е за подготовка на проекти за отстранување на слабости на фирми пред банкрот. Американецот со прилепска “крв” изненадено гледа на градот и гостољубивите души.
Да го задоволи љубопитсвото, ја побарал семејната лоза Кормушоски на родната грутка на дедо му и неговите браќа и сестри во Прилеп. Запознал подалечни од семејеното дрво, кои останале во Прилеп, а некои се отселели во Скопје. Бил на Варош, одкаде потекнувале неговите. Воодушевен е од местото на младоста и детството на дедо му. Импресиите за тутунот и богатството на културно историски споменици ќе ги носи во Америка. Впечатливи биле манастирите и црквата Свето Благовештение, изградена под истото име во градот Стелтон. Саатот го доживеал како кривата кула во Пиза, а воздишки му предизвикувал плоштадот Александрија и на Алејата на славните.

Крстен е по дедо му Алекса, заминат во Америка кон почетокот на 20 век. Создал фамилија во Хилтон, Пенсилванија. “Коските” ги оставил таму. Алекс бил растен во прилепски дух. Затоа ги одржува адетите. “Наследството” традиција му го всадувала и баба му, иако била Романка. Таа го одгледувала и воспитувала, додека родителите Ѓорѓи и мајка му работеле.
– Дедо заминал околу 1900 година. Станал касап. Се сеќавам на каспаницата. Другиот негов брат беше чевлар. Имаше Македонци, кои имаа ресторани. Некои беа фурнаџии. Во Стелтон беше македонската заедница. Изградиле православна црква да биде срж на националаниот и православниот идентитет што ги обединувал Македонците во арно и во лошо во туѓина. Заради прилепското мнозинство, црквата, која и денес постои, ја нарекле Свето Благовештение. Постои 115 години. Имам сликите од градителите. Дедо ми посветено ги одржуваше обичаите од Татковината. Скокаше во мраз студентите води да го фати крстот на Водици. Дел Македонците учествуваа и во Втората светска војна, борејќи се против фашизмот под американско знаме – кажува американецот со прилепски ген Алекс.

Семејството Кормушофи го празнувало на семејниот ден Свети Никола со посни сарми и грав по македонски рецепт. Останала посната трпеза за празникот.
– Пред Велигден се постеше, а вечерта во сабота одевме в црква и се кршевме со црвени варени јајца. Дента со родителите собиравме јајца со посети на роднините. Тоа беше голема радост. За Василица се вртеше кора со паричка. Не се славеа родендени, туку имендени. Доаѓаа роднини и велеа “Честито име” на именденот на дедо ми и неговите браќа, а после и на татко ми. Заигруваа и оро на некоја песна – се сеќава Алекс на детството минато во дедовата куќа.
Памети некои македонски зборови. Во меморијата му оставиле печат повиците на баба му која му викала свињо една, мајмун, мочко, седи мадро кога бил немирен. Не ги заборава ниту вкусовите на сармите од расол и толчени пиперки во дрвен аван. Се засладувал со алва и локум, а баба му за тоалет велеле нужник. Била мераклија да пие турско кафе.
– Баба ми со нунката умееа да прават и цигари. Наоѓаа тутун. Го сечеа и виткаа во цигари. Знаењето го донесле од дома – пренесува Алекс.
Алекс ги почитува предците. Понекогаш ги закитува со цвеќе и пали свеќа на гробовите со мермерни плочи, слики и имиња на роднините на гробиштата во Стелтон, во близина на црквата Свето Благовештение.