Владимир Ѓорѓиоски (36) успешен во билјард за лица во инвалидска количка
Прилепчанецот Владимир Ѓорѓиоски (36) е единствениот Македонец кој ја претставува државата на европски првенства во билјард за лица во инвалидска количка, освојувајќи медали. Досега има две бронзи. По ланскиот од Словенија, неодамна се врати, пак со бронзен медал од Европското првенство во Талин, Естонија, во дисциплината осмица, во категорија лица со инвалидски колички. Тој е првиот претставник на Македонија на Светското првенство во Хејбол (кинеска осумка) во категоријата играчи со хендикеп, кое се одржа лани во Лос Анџелес, САД.

Како единствен македонски претставник на Европското првенство годинава вели дека конкуренцијата била силна.
– Бевме најдобрите 16 играчи од Европа, од кои некои се над 20 години на пиедесталот. Втора бронза, односно освоеното трето место, во осумка лани во Словенија и годинава во Талин е потврда за трудот и тоа дека сум во иста форма – вели Владимир Ѓорѓиоски (36) репрезентативец во билјард за лица во инвалидска количка.

Го развејува знамето и ги брани боите на Македонија на ЕП во билјард во категоријата за инвалиди, откако животната судбина пред три години, го натерала играта која ја сакал и практикувал 25 години, да ја продолжи во инвалидска количка.
– Ограничен си. Со количката ги немаш околу 50 отсто од ударите. Ако стоиш, топките ги гледаш, висината на ударот не е иста, друго е 3Д, а друго сликата 2Д. Користиш многу продолжетоци на билјардскиот стап кога играш седејќи во количката – објаснува Ѓорѓиоски.

Вели дека билјардот е игра која бара и дава врвни придобивки за играчот. Пред првенство, вежба 3 – 4 саати на билјард масата.
– Фасцинантно е чувството, колку и да се тешки проблемите, кога ќе застанам на масата, сé исчезнува, ме смирува. Играта бара фокусирање, концентрација, тремата и нервозата да се сведе на минимум. Повратно добиваш трпение, фокус, смиреност – вели Ѓорѓиоски.

Во западните земји со пласманите играчите добивале годишни стипендии. Лани Агенцијата за млади и спорт ги поддржала билјард репрезентативците. Ѓорѓиоски успева да ги покрие трошоците со средствата од организираните донаторски турнири и спонзорства од одредени компании.
– Потребна е и медиумска промоција дека билјардот не е само игра, туку и повеќе од тоа. Најдобра алатка е за деца со пречки во развојот, особено за деца со епилепсија – вели Ѓорѓиоски.
Сонува за настап на светско првенство. Благодарен е на челниците на федерацијата на билјард играчи што го поттикнале, покрај хендикепот кој го добил, да продолжи да другарува со билите и стапот и ужива во играта која ја сака. Ветер во грб му е тренерот Дејан Станковиќ од Србија затоа што за билјард не треба само осет и дарба, туку и тренер.
Се радува што Прилеп има многу љубители на билјардот и околу 50 – 60 натпреварувачи во државни и опен првенства. Има и своја приватна школа, знаењето да им го пренесе на младите таленти.
СЛЕДНО: КИНА И АВСТРАЛИЈА
Следни предизвици се учеството на престижниот турнир во Кина, како и на Светското првенство во Бризбејн, Австралија. Во мај ќе оди во Пекинг во категорија со стоење, за каде имал специјална покана да учествува во стандардно првенство, во дисциплината деветка со 500 – 600 играчи и со голем награден фонд.