МТФ “Војдан Чернодрински” ја следи ситуацијата со сцените што ги изнајмува за фестивалот во Прилеп.
Според уметничкиот директор на МТФ “Војдан Чернодрински”, д-р Ана Стојаноска, најважна е безбедноста на публиката, здравјето и сигурноста на сите вклучени во организацијата.
– Фестивалот ќе се одржи во Прилеп, откако ќе се потврди сигурноста и исправноста на сцените. Му даваме поддршка на Центарот за култура “Марко Цепенков” во напорите да се обезбедат најдобрите услови за работа – вели таа.
Според неа, фестивалот е плод на добрата соработка со Министерството за култура и Општината Прилеп. Владее уверување дека сите имаат иста мисија, да се направи најдобро што може, секој во своето поле, фестивалот да се одржи во градот што го заслужува.
– Фестивалот е закажан од 6 до 13 јуни, но, доколку треба да се почека за да се надминат сите технички предизвици во Центарот за култура, фестивалот може да биде и поместен. Како минатите две години, и годинава ќе освојуваме и нови простори за театарски претстави во нашата намера Прилеп да е град – театар. Апелираме да се изгради нова театарска зграда. Тоа е најдобро на креативен начин да одговориме на предизвиците. Затоа ја креиравме програмата Прилеп во фокус, која ќе ги акцентира достигнувањата на тројцата прилепски театарски уметници: Благоја Спиркоски – Џумерко, Благоја Ристески – Платнар и Кирил Ристоски. Ќе направиме “Музеј во движење” во соработка со пријателите на фестивалот. Ќе покажеме дека Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници кои се заслужни за развојот на македонскиот театар – вели Стојаноска.
МТФ е основан во Прилеп и ќе се одржува во Прилеп. Според четиригодишната програма на Стојаноска, насловена “Враќање дома”. Прилепската публика го заслужува својот фестивал и ќе се направи сé и година да продолжи заедничка дружба.