Изложба
Со сопствен концепт на дела, создавајќи јасна и специфична уметничка визија ќе се претстави уметникот Стефан Анчевски вечерва од 19 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Познавајќи различни медиуми и знаковни симболи, уметникот ги материјализира идеите низ низа технолошки процеси, овозможувајќи му да експериментира со различни визуелни и уметнички средства. Работи на принципот точка – права, полно – празно, геометрија и нејзино слободно толкување, движење, динамично групирање на нештата.
– Со својата поетика и слики уметникот открива дека му е близок графолошкиот пристап кој се потпира на ликовните искуства на сликарството од 20 век и ехото на колористичките исходи на Климт и неговите следбеници. Визуелниот јазик како облик на комуникација е универзален и единствен. Експериментирајќи со различни техники и материјали, авторот го создава циклусот “Врзино” изложен во 2024 година во домот на културата во Куманово. Втората изложба со наслов “Преврзино” во Битола ги покажува нештата кои довеле до создавање на работено пред. Ова пак ги поврзува сите три излагања. Во третиот, развоен ликовен циклус се поврзуваат сите заедно – велат од ЦК “Марко Цепенков”.
Кумановчанецот Стефан Анчевски е визуелен и мултимедијален уметник. Дипломец е на ФЛУ во Скопје. Имал 11 самостојни изложби, учествува на преку 150 групни изложби и прикажувања во земјава и странство. Член е на ДЛУБ, ДЛУМ и ДЛУП. Добитник е на први награди на две значајни манифестации.