МЕДОТ Е НАЈДОБАР ЛЕК ПРОТИВ БОЛЕСТИ

ЃОРЕ ЃОРЃИОСКИ – ПРОФЕСОР  ВО ПЕНЗИЈА

Уште од старо време медот бил лек против многу болести. Така  и дедото, па  и таткото на пензионираниот професор по географија, а и тој, отсекогаш се занимавале со одгледување пчели и со производство на природен мед. Ѓоре Ѓорѓиоски  има 83 години, роден е во мариовското село Бешиште. Завршил факултет и бил цело време до пензија, професор по географија.

– Од  мал  ја  засакав географијата. Ми беше интересно да ги проучувам географските карти, а и глобусот. Тие ми будеа чувства на непознатост и желба да се знае повеќе за многуте земји, држави, главни градови, реки и планини на планетата земја – вели професорот во пензија Ѓорѓиоски.

Првин предавал во родното село. Ги учел тогаш многуте деца не само од Бешиште, ами и од соседните населени места. Учителствувал во соседното Полчиште, па во Дебреште и на крај дошол, го преместиле во Прилеп, во ОУ “Блаже Конески”.

– Тогаш беше друго. Сите нé интересираа податоците кажани од професорите, на пример како за реката Нил. Каде се наоѓа, колку е долга, длабока, што живее таму. Па за планините, која е највисока, со кој врв, која планина и врв се највисоки во Југославија, па во Македонија. Така, со ред, за многу, многу држави, континенти. Сега е друго. Незнам, не тврдам, ама сигурно се заборавени географските големи карти, атласите за учениците, а за глобус, такаречи, не се знае. Сега сите ученици “знаат” и научуваат за земјите од мобилните телефони, од ЏПС… Можеби и затоа се предлага овој предмет да не се изучува во основните и средните училишта – додава професорот.

Разговорот се префрли на производството на мед, односно одгледување на  пчели. Со овој  „занает” се занимавале и неговите предци, татко му, тој, а сега и неговиот син.

– Во семејството се негувале пчелите. Уште многу рано моите дедовци и прадедовци имале „улишта”, плетени од прачки кошари, а не како сега во сандаци. Секоја година се произведуваше многу мед. Дел продававме на големо, а дел завршуваше на пазарот во градот. Сега пчелите не се во Мариово. Околу 120 пчелни семејства се на „паша” во тополчанск. Мариово беше убаво за пчелите кога имаше жито, расадници, дрвја, овошки. Заминаа жителите, и се намалија пчелите и мариовскиот мед. Ги пренесовме во пелагонискиот дел да го користат она што им го даваат земјоделските и овошните растенија. Лани произведовме 700-800 килограми природен мед, без  марифетлаци. Од годините зависно дали е добра за пчелите или не. Сме продавале повеќе од илјада килограми мед. Велам марифетлаци, зашто многу производители користат други начини да имаат и предадат што повеќе мед. А, само природниот и со љубов произведен мед е лековит. Таков отсекогаш се  користел против секакви болести – додава поранешниот професор по географија, Ѓорѓиоски, кој го “заразил” семејство да биде производител на сладок, чист, природен  мед.

Loading