Повратник, призрак, визија, вампир, дух, привидение, сениште… Во која и категорија да се класира, фантомот кој од пред некое време веќе ги оставаше на мира граѓаните, посебно нивните жени и ќерки. Луѓето речиси не можеа да поверуваат дека, најпосле, дефинитивно се ослободени од таа голема напаст. Седмица, две, месец, два изминаа и вампирот никаде да се јави. Едни-други се прашуваа што му се случило “на оној акач”? Некои жени и екс-девици го поставуваа прашањето со извесна доза носталгија за ноќите кога вампирот ги измачувал, во некој темен ќош, далеку од одмаздољубивите раце на сограѓаните, кои лесно делеа шлаканици. Ние, кои ја имавме хипотетичната чест да го познаваме “акачот”, па дури и апашот за кој станува збор, ќе ја откриеме овде неговата тајна: крвожедниот вампир сретна еднаш низ градот една млада девојка со бушава долга коса, узреани негибнати гради и фустан што со мака го собираше во себе нејзиното красно здраво тело. Сигурен во себе и во црните сили што беа негови сојузници, посакал да практикува како и со некои други свои жртви, жени и девојки. Арно ама, во овој случај не му помогнаа многу сојузниците. Девојката храбро се одбрани од сите негови јуриши, јавни и тајни. Штом виде дека неговите пеколни замисли не успеваат, вампирот исчезна повеќе денови од градот во кој, потоа, една како ровја мина новината дека се одрекол од своите ѓаволски дела и прелаги. Ќе се женел за девојката која смело и категорично му се спротиви. И, чудо над чудата. Ееден неделен ден граѓаните со голема веселба и прослава ги венчаа вампирот и девојката.
Многу лета Божји поминаа од тие драматични настани. Градот се успокои и заживеа како порано во геолошкиот период од последното ледено доба, патриархален, конзервативен, специфичен, што секако си има добри страни, не само незгодни. Во годините, што “летнаа како бели гулаби”, луѓето со симпатија гледаа како минат децата од вампирот и девојката, убави како ангелчиња, што за деца од вампир е вистинско хулење на… ѓаволот. Дали некои жени и девојки најдоа друг вампир да ги измачува, работата не е позната, но има изгледи дека за да.
Како и да е, положбата се смири. Жената од првенецот се врати и заживеа со својот сопруг, кој е добар домаќин, сопруг и татко, а можеби е и сосема добар човек и покрај тоа што понекогаш мава на самарот, оти не може тоа да му го прави на магарето кое избегало.
Сопругот од девојчето кое играше со ветерот, со пролетните будења, летните ветрови и… со сеништето, во темните ноќи понекогаш се сеќава дека пред години бил вампир, та се затвора со сопругата во една соба, и ѓавол знае на какви маки ја подложува.
(продолжува)