Зоран Јовески е меѓу ретките прилепчани кој бил на Атос
До неа може да се пристапи единствено со брод и претходно обезбедена виза од страна на Вселенскиот патријарх. На тлото на Света Гора, можат да стапнат единствено мажите. Уранополис е гратче на северот на полуостровот Атос, во подножјето на истоимената планина, кој е последно туристичко место на границата со Светата Гора. Пристаништето е појдовна точка за посета на манастирите, како и за групата од дваесетина Македонци – поклоници, православни христијани меѓу кои и прилепчанецот Зоран Јовески. Еве што тој забалежува за исклучителната и ретка посета:
Бродот нé однесе до пристаништето на манастирот Ксенофонт, кој беше првиот при тридневната посета на Света Гора. Манастирот Ксенофонт е 16-ти по хиерархија на Света Гора, посветен е на Свети Георги Победоносецот. Основан е во 10 век од грчкиот владетел Ксенофонт, по кој го добил името. Во него живеат триесетина монаси. Се наоѓаат и деловите на моштите на Света Марија Антиохијска. Оттаму пешки се упативме кон манастирот Дохијар кој беше и централното место на нашата посета.
Богородица му го вратила видот на монахот
Да го искусиме монашкиот живот, договорено беше со монасите да останеме три дена – две ноќи со обврска целосно да го прифатиме редот на монасите за молење, вечера и ноќевање. ИметоДохијар, означува „гостопримач”, во што се уверивме и ние, оти бевме примени со сите почести. Посветен е на Архангел Михаил. Претстојуваат четириесетина монаси. Десетти е во хиерархијата на Света Гора. Од десната страна пред влезот во трпезаријата се наоѓа оригиналната чудотворна икона на Света Богородица – Брзопослушница. Имавме единствена можност да се поклониме и помолиме. Чудото вели дека еден монах минувајки крај неа кога одел во трпезаријата да вечера, постојано со својата свеќа ја исчадувал светата икона, а Богородица, поради тоа што често го правел, му го одзела видот. Монахот ја молел да му го врати. Богородица се смилувала и му го вратила видот. Му рекла дека од сега никого нема да остави во несреќа, како дека на сите брзо ќе им помага.













Во трите дена имавме привилегија да се помолиме и во манастирите во Ивирион, Св. Пантелејмон (Руски манастир), манастирот Ватопед. Само четворица од групата, меѓу кои и јас, бевме во манастариот Хиландар (Српски манастир).
Манастирот во Ивирион е трет по хиерахијата на Света Гора. Престојуваат околу 75 монаси. Изграден е на место каде Пресвета Богородица првпат стапнала на Света Гора. Првин бил под грузијска, а подоцна, во 14 век, потпаднал под грчка управа. Многу стари записи и многу делови од мошти се чуваат во манастирирот. Пред дел од нив се помоливме и поклонивме. Какво беше чувството. Тоа го опишува мојот пријател од групата кој рече дека толку делови на мошти немаме видено сите во целиот свој живот.
Се чува појасот на Света Богородица
Втор по хиерархијата е манастирот Ватопед со 170 монаси. Посветен е на Благовештение на Пресвета Богоридица. Претставува значаен, комплекс, изграден во 6 век. Тој е чист, грчки манастир. Располага со повеќе свети икони и мошти од повеќе светители. Тука се чува појасот на Света Богородица. Запаливме свеќи и се помоливме.
Манастирот Свети Пантелејмнон (Руски манастир). Тој е 19-ти по хиерархијата со 90 монаси. Тој не е грчки поради националноста на монасите. Претставува огромно здание што сведочи за силата и јачината на духот на христијанството. Се чуваат делови од моштите на Свети Пантелејмон. Располага со преобемна историска библиотека на ретки книги, свети и чудотворни икони. Во 2005 година го посетил и Рускиот претседател Владимир Путин.
Го посетивме и Кареја, монашко градче, престолнина на Света Гора. Тоа е седиште на управата на Света Гора. Сите манастири имаат свои претставништва кои се договоараат за световни и верски прашања. И од него носиме прекрасни спомени, поради специфично место и можноста да се купи икона или реликвија. Инаку, заштитница е Света Богородица, наречена „Достојна јесет”, една од најмоќните чудотворни икони на Света Гора.
АВТОНОМНА МОНАШКА ДРЖАВА
Света Гора – Градината на Мајката Божја, или официјално, Автономна Монашка Држава Света Гора е автономна област на третиот крак од полуостровот Халкидики во Грција. Таа денес претставува еден од најзначајните православни центри во светот. Света Гора или уште Атос, воедно е ì име на познатата планина на полуостровот по која е наречена оваа монашката држава. Според грчкиот Устав, планината Света Гора е политичка самоуправа која ја сочинуваат 20 главни манастири (17 Грчки, еден Бугарски, еден Руски и еден Српски манастир) и 12 скитови (помали монашки заедници).
Инаку, духовно, Света Гора е под директна јурисдикција на Вселенскиот патријарх од Цариград.
ПОСЕБНО МЕСТО ЗА ПРЕУБАВИ ЧУВСТВА
Како верник, православен христијанин, секогаш ќе ја памптам Света Гора. Секогаш имав наплив на емоции и чувстава на восхит. И при молењето рано наутро со монасите, и при молењето пред чудотворните икони и мошти, како и при самото престојување на Света Гора ни се чинеше како да се наоѓаме на посебно место полно со топлина, емоции и преубави чувства. Мир, тишина и спокој не опкружуваа. И природата, но и светите места беа преполни со нешто необјасниво и возвишено.
ХИЛАНДАР ГИ ЧУВА МОШТИТЕ НА СВЕТИ САВА
Манастирот Хиландар (Српски манастир) е четврт по хиерахијата со 100 монаси. Основан и изграден во 12 век на инцијатива на светецот Свети Сава. Претставува најголемо светилиште на српскиот народ. Во овој преубав манастир се наоѓа чудотвороната икона на Богородица Трирачица, како и моштите на Свети Сава. Се случи нешто несекојдневно. За неколку минути, монасите ги отворија портите на црквата и за да се помолиме пред чудотворната икона на прествета Богородица Трирачица и да се поклониме пред моштите на Свети Сава. Бевме пријатно изненадени и многу возбудени.
Во сите манастири не секогаш можеш да се помолиш и поклониш пред светите икони и делови на мошти. Тоа се прави само во посебни прилики и моменти. Во Хиладар тоа го сторивме веднаш штом дојдовме. Како да не чекаа.