Со збор „Шило“ го дупел ропството

Првиот прилепски таен револуционерен весник “Шило” се печател во 1905 година во ќуќата на семејството Мрмески близу до  театарот. Наместо машина, се користел хектограф. Весникот излегувал 6-7 месеци во тираж од десеттина примероци, со што биле удрени темелите на прилепското новинарство. Бил пишуван на славјански и турски јазик. Весникот повикувал на обединување за слобода. Шилото бил чевларски алат со кој се дупела “кожата од гајдата за отворање дупки” и целта било весникот да ги “дупи” непријателите и ропството.

Се раскажува меѓу постарите дека еден примерок дошол во рацете на кајмакамот Јашар беј. Откако го прочитал, изразил желба да пишува во него. Ќе го напишел “марифетот” како да ја фати газетата. Низ Прилеп се велело “грев е, оти не поживеа прилепски Шило 101 година, белким ќе издупеше многу кожи на душмани”. 

Сите мислеле дека се печати во Битола, но тој бил многу блиску до прилепчани, а Турците сепак не успеале да го откријат. Печатницата била долу во куќата на Илија Мрмески. Тој бил напреден човек со идеи за слободна Македонија. Куќата – печатница, изградена пред 200 години, имала турски лик. Фамилијата Мрмески е стара, а членовите биле вредни и пргави луѓе, кои работеле за Македонија.

Loading