“Јас, ти и музеј”

70 години Музеј во Прилеп

Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп годинава одбележува значаен јубилеј – 70 години од основањето. Директорката Мимоза Христоска  оценува дека овој историски момент, се дочекува со богата програма исполнета со настани, проекти и активности кои го афирмираат значењето на музејот како чувар на културното наследство, но и како современ простор за заедничко дејствување, учење и инспирација.

Јубилејот почна со изложбата посветена на Ѓорѓи Ачески – Аче, а ќе кулминира на 1 јули, на денот кога музејот е основан во 1955 година. Под мотото “Јас, ти и музеј”, се нагласува дека музејот не е само институција, туку заеднички простор – жив, достапен, ангажиран и постојано отворен кон својата заедница.

Музеј со минато, сегашност и визија.

Преку седум децении, Заводот и музеј изгради длабоки врски со локалната и националната културна историја. Од место на меморија, преку едукативен и истражувачки центар, до активен учесник во современи културни текови, институцијата денес претставува симбол на културниот идентитет и континуитет на градот и поширокиот регион.

– Годинава се реализираат повеќе значајни проекти и активности како што се заштитни археолошки истражувања на гробници од “македонски” тип, истражувања на локалитетот Долиште, кај село Прилепец, одржување и промоција на античкиот град Стибера, конзервација на иконостасот во црквата Свето Благовештение, реставрација на 32 предмети од збирката на епиграфски споменици и камена пластика, изложби, “Прилепските вајари – творци како феникси”, “За Балканскиот јунак Крал Марко”, “Лабора – сторија”, ќе имаме и продукција на видео записи, раскажувања, и собрани живи преданија од заедницата. Секоја недела, до 1 јули, ќе се организираат изложби, работилници, стручни предавања, теренски презентации и медиумски содржини, насочени кон промоција на музејската дејност и заштитата на културното наследство. Програмата опфаќа интерактивни работилници со ученици и млади истражувачи, видео приказни од кустоси и граѓани: “Зад експонатите”, изложби на архивски материјал и фотографии: “70 години низ објективот”, презентации на теренските истражувања и конзерваторски зафати, промоција на културните пејзажи и нематеријалното наследство на прилепско, ноќ на музеите – вечерна програма со музика, тури и раскажувања, мултимедијални перформанси, подкасти и јавни дијалози за иднината на музеите. На денот на основањето, 1 јули, ќе се одржи главниот свечен настан со Промоција на монографијата за 70 години музејска дејност, специјална изложба со селекција на највредните експонати, јавни обраќања, музичка програма и интерактивни содржини за посетителите. Со поддршка од Министерството за култура и туризам, музејот останува посветен на професионализмот, истражувачката страст и креативната енергија. Јубилејот не е само прослава, туку поттик за нова етапа, уште со поголема одговорност за зачувувањето и споделувањето на културното богатство. 70-годишниот јубилеј треба да биде инспирација за нови 70 години – на работа, посветеност и создавање на иднината врз темелите на нашето минато – вели Христоска, директорка на Заводот и музеј Прилеп.

Loading