Филигрантска изложба од Марина Деаноска

Младата сограѓанка Марина Деаноска, иако три години работи филиграни, се претстави со првата самостојна изложба со име “Боите на виножитото”. Презентираше икони, пеперутки, современи апликации, работени од срма. Горда е што успеала да собере дваесетина дела да се претстави, иако за три години сработила околу 1400 дела од срма. Ги има иконите, Тајната вечера, Богородица, Св. Никола

Случајно се “заразила” со филигранството.

– Пред да работам, видов во Охрид слика од пеперутка во срма. Ми се допадна. Се заинтересирав за процесот, зашто беше нова и иновативна уметност за мене. Првин се едуцирав, постојано учев. Минав трнлив пат да стигнам до ова ниво. Сега се оствари мојот сон за самостојна изложба – раскажува Деаноска.

Работи по шаблон.

– Шемата ја имам претходно. Најмногу сум ориентирана на икони. Конците, односно шарите ги создавам според инспирацијата. Иконите се оригинални и во 3 д. Се трудам да бидат блиски до оригиналите. Ми лежат и други мотиви со конецот. Не сакам да творам портрети. За една икона или друг мотив во нормална А4 големина се потребни неколку денови. За поголемите многу повеќе. Со срмата се препуштам на имагинативноста – додава Деаноска.

Најмногу ги користи црвената и златната боја. Понекогаш и сивата. Филиграните ги работува и по нарачка, според барањата. Домови на нашинци во странство се украсени со нејзини дела.

Loading