Даниел Мелвил Македонска 74

На есен лисјето од дрвјата добиваа бакарна или жолта боја, додавајќи волшебна нота на пејзажот. После стигнуваше некој друг, различен ветер од летниот, ги кинеше мртвите лисје, ги заигруваше во повеќекатни ора и ги расејуваше по земјата. Преселните птици заминуваа од градот што стануваше пуст. Полека заспиваше во долг сон што, подоцна, зимата ќе го облечеше во бел јорган. Зимата слегуваше од пајтонот влечен од коњи со прапорци на вратот, со мразовите, со лутото свирење на вештици во оџаците, со гладното виење на волци на периферијата, со плапотењето на огнот во печката, со кандилата, со газиените ламби, со коледарите, со Божикните камбани. Женската поезија, сликите на магиски светови, цветаа во девојчето што, потоа, кај жената со бракот, мајчинството и други задолженија, се задушувани, но заместени со друга поезија, со други волшебни трепети, мелодии, богати возбуди, компензации за изгубеното.

Врвеа така годините. Растеше девојчето. Големите очи í се полнеа се со матни одблесоци што, чиниш, идеа од некој друг свет, далечен и научно неиспитан. Градите и растеа, почнуваа да и тежат, да í пречат. Фустанот í стануваше тесен, нозете што порано личеа на сите детски долни крајници, се продолжуваа, добиваа, за човечките мерила, елеганција, зедно со другите благи форми и акценти. Лицето í “пукаше” од здравје, очите светеа со чудни пламени, или гореа со нагли пожари, избиени од длабочините, носејќи тајни пораки за материјата, за законите на природата и, можеби, за некоја надприрода која засега уште тера инкогнита. Долгите бујни коси í го обвиткуваа телото, бушави, развеани како миријади микроскопски капки бистра вода што надвор од земјиното привлекување тече надолу, па нагоре, но не паѓа. Превез од месечина, потоци, сонце.

Во ветровитиот летен период, девојката седеше долго на клупата пред куќата, ги гледаше “балоните” – летачки од хартија што децата ги креваа со силата на воздушните струи. Психозата на децата тогаш беше воздухопевна, небесна. Балони, чочоманки, змевови, чочки, цепелини, гулаби… од хартија. Чавки, вистински, врзани со конец за една нога или бумбари заробени на сличен начин, кои летаат толку високо и далеку колку што е долг конецот што го држи детето. Тогаш полудевојчето полудевојка или, зошто не, полубожица, летнуваше и рееше во матните висини розеви, светлоплави, зелени… со саати и со денови. Пред легнување í се случуваше да се загледа во своето тело пред големото огледало на еден орман, барајќи го одговорот за погледите што некои мажи и ги упатуваа кога бушава и со подоткриени колена седеше на клупата пред куќата. Некогаш заклучуваше дека нешто на неа се сменило, дека е попријатна за гледање, ама друг пат осетуваше некакво гнасење пред промените врз себе што ги согледуваше. И на најмал шум во куќата тогаш побрзуваше да се најде во сигурноста на својот кревет, под покривката, треперејќи како да и беше студено. Годините летаа, добите се менуваа, промените на неа се нагласуваа, но се навикнуваше на нив, ама, понекогаш се плашеше заради нешто непознато и моќно што чувствуваше дека носи во себе. Силна возбуда, топлина во пределот на стомакот се раѓаа некогаш. Та брзаше да легне под дрвото во градината и со склопени очи и стегнати тупаници да се предаде на милувањето на врелиот ветер, вечен номад дојден од југ заедно со преселните птици.

 (продолжува)

Loading