“Арте(фициелни)факти во проширена реалност” од Марија Трпеска

Уметницата Марија Трпеска се претстави со  проектот “Арте(фициелни)факти во проширена реалност”, со фокус на ромската култура, стереотипите поврзани за Ромите и колку се тие прифатени и видливи во општеството како рамноправни граѓани.

– Искусив дека, иако со закон се утврдени правата на етничката заедница, Ромите, уште, секојдневно се жртви на дискриминација, расизам, говор на омраза и повреда на човечкото достоинство, не добивајќи еднаков третман во општеството во однос на останатите етнички заедници во нашата држава – вели Трпеска.

Поставката ја сочинуваат видеа, фотографии и објекти, реализирани со соработници и ко-автори, доловувајќи ја проширената реалност која не е стереотип за Ромите и ромската заедница, напротив, уметничката продукција кој се обидува да ја претстави онаа страна на заедницата на која многу малку í се обраќа внимание, за успесите, заложбите, изминатиот пат во борба со системот и надежта за подобро утре.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам. Плод е на мултидисциплинарен пристап, комбиниран со дигиталните технологии, уметничката практика и општествено ангажираната истражувачка методологија.

Марија Трпеска дипломирала на ФЛУ Скопје во 2017 година. Сега е на постдипломски студии на ФЛУ. Уметничката работа има интердисциплинарен карактер. Третира социјални теми. Делата даваат  значаење на личности или групи поврзани со уметноста, потенцирајќи ја уникатноста, важноста и улогата во општеството. Добитник е на наградата “Четирите мајстори на модернизмот” во 2017 година.

Loading