Изложба за Аче
Завод за заштита на спомениците на културата и музеј ја одбележа 111 годишнината од раѓањето на уметникот, самоук сликар Ѓорѓи Ачески – Аче, со изложба во галеријата на Бабанеделино училиште. Ќе се презентира музејската збирка цртежи, пишан материјал во ракопис и дела во сопственост на неговото семејство.
Аче беше плоден сликар кој остави силна уметничка трага во градот. Прилепченец е, роден на 10 април 1914 г.

Точно 27 дела, цртежи кои се билет за пропатување низ времето. Некои ќе се потсетат, а други, преку овие уметнички дела, првпат ќе се запознаат со ликот на старата профана архитектура.
– Во делата на Ачески се “слуша” мелодијата на уметниковиот порив и се гледа “танцот” на раката, која со клечка, натопена во туш, со леснотија на талентот мајсторски со грациозност создава дело, нечија куќа, нечиј дом, нечиј дуќан… Оттука, на белиот лист хартија, почнува со цртање, испишана приказна за некогаш и некаде, во нечиј двор, на некој прозор, на една улица,… овековечени сведоштвата за едно минато време со сосема поинакво лице. Ачески живеел за уметноста. Сите дела се плод на нескротливиот дух и талент од невидени размери, препознат и високо оценет и од тогашната критика. Талент чии двигатели биле трудољубивоста, упорноста, вербата и надежта. Пред се, вљубеноста во уметноста. Во секоја повлечена линија се препознава жедта и жарот со кој создавал и цртал, во едно време кога социјално економските прилики биле различни, малку потешки за афирмација на уметноста и уметникот. Ж ивеел да слика. Благодарение на неговата непоколеблива природа и упорност, после секое НЕ да продолжи како да не го чул, денес сме побогати со над 4000 цртежи во кои се гледа документирано нашето минато. Од денешен аспект претставуваат историско сведоштво со културно и уметничко значење – вели кустосот Елизабета Д. Иваноска, историчар на уметност од прилепскиот Завод и музеј.