“Процеп во процес”
Во вторник во фоајето од ЦК “Марко Цепенков” ќе се одржи шестиот дел од проектот “Процеп во процес” при што ќе биде претставена книгата “Магла и месечевина” од Меша Селимовиќ, промоција на македонскиот превод.
Гласовите од минатото многу подлабоко и помоќно одекнуваат кога ќе го надживеат вртлогот на времето. Живееме доба кога преживуваме неколку траорни војни, чии текови преку медиумите се пласираат како некој бизарен воајеризам и “шоу бизнис” производ. Во тој период, во Македонија стигна преводот на македонски јазик на делото “Магла и месечевина” од Меша Селимовиќ за кое тој рекол дека е артистички најуспешно.
“Ова е текст на молкот, кој чудесно се наметнува врз сé што ликовите зборуваат. Војната е вплетена и како општествена заднина, но и како борба во човек, бидејќи се прикажуваат човечките искушенија во немирни времиња, додека во совеста на ликовите се случува голем внатрешен судир”, се вели во краткиот опис.
Психолошки длабоко профилираните ликови кои ја преживуваат Втората светска војна и префинетата, суптилна нарација проткаена со лирски финеси и еден сеприсутен гласен молк, во превод на македонски јазик ги пренесува преведувачот Ѓоко Здравески, кој ќе говори за овој краток роман на Селимовиќ. Модератор ќе биде Александар Еленин.