Интервју, Александар Алексовски, генерален директор на Тутунскиот комбинат
Новото раководство на чело на Тутунскиот комбинат дојде во ноември мината година. Иако беше краток периодот, успешно го реализиравте откупот?
– Успешно ја минавме сезоната и откупивме 1 750 тони тутун што е двојно повеќе од количината откупена во 2023/2024 година. Успех е бидејќи ни беше прв тест и предизвик како ново раководство. Задоволни сме од откупената количина и квалитетот, кој е послаб од претходната реколта. Квалитетот е послаб поради временските услови и некоректниот однос на тутунарите кои за да добијат килограм повеќе, го расипуваат и добриот тутун, со додавање дополнителна вода, песок, кој во комбинација допринесува за скапување на тутунот. Тоа предизвика неповолни последици кај речиси сите откупни компании. Крајот на април ќе започнеме со преработка на откупениот тутун и се надеваме дека загубата на тутун што се однесува на лошиот квалитет од реколтата и односот на тутунарите во овај сегмент нема да биде поголемо од 15 проценти. Веќе неколку години откупните претпријатија се соочуваат со енормни загуби односно трошоци од нелојалниот однос на тутунарите кон нив. Непочитувањето на правилата на пакување на тутунот и начинот на откуп само ја влошуваат состојбата.

Колку договори потпишавте за новата тутунопроизводствена сезона?
– Склучивме договори за 2 300 тони тутун одно 15 проценти повеќе од ланската реколта. Сепак, тутунот е земјоделска култура која се одгледува под отворено небо и зависи од количеството на врнежите или сушата што влијае на приносот односно количеството и на квалитетот на тутунот.
Ниските априлски температури негативно ќе влијаат на расадопроизводството?
– Во селските средини расадот е во напредна фаза и се надевам дека тутунарите се искусни во заштита на расадот од ниските температури. Се надевам дека голем дел ќе го спасат и ги презедоа потребните мерки.

Што покажуваат финансиските резултати за мината година?
– Уште работиме на завршната сметка. Поднесовме барање за одложување и ќе ја поднесеме до 1 мај, кој рок, се надеваме, ќе го испочитуваме. Контурите на завршната сметка покажуваат добивка. Причината лежи во потребата да поднесеме подобра финансиска анализа на претходната година, и второ да спроведеме добар попис кој последните години не бил детално направен. Пописот е речиси при крај и тој ќе покаже дали има кусоци или вишоци. Треба да видиме колкава ни е моќта и колкаво оптооварување како компанија можеме да издржиме. Побаравме ревизија од Државниот завод за ревизија која ќе биде најверојатно следната година.
Какво е производството на цигари?
– Последните четири месеци има зголемено производство на цигари што се должи на подем на пласманот на цигари од брендовите на Филип Морис, во моментот произведуваме месечно околу 100 тони цигари.
На кои проекти сте фокусирани како менаџерски тим на Тутунскиот комбинат?
– Работиме на многу проекти кои се за подобра реорганизација и продуктивност на компанијата со цел да се намалат загубите во секоја сфера од работењето.