Малага
На југот на Андалузија се наоѓа Малага, градот на сонцето, песочните плажи, парковите и градската врева. Културна мека, бидејќи тука е роден големиот Пабло Пикасо. Затоа, покрај многуте музеи, го има и неговиот.
Град кој го красат преубави градби кои говорат за возбудливата историја. Пријатна е посетата во било кое време, заради благата клима и температурите кои не паѓаат под 10 степени и во зимскиот период.

Меѓу поголемите андалузиски градови, е средиште на уметноста и културата. Има што да се види покрај раскошот на сонцето. Возбудливи и восхитувачки се прошетките по тесните староградски улички, да се види морскиот шир од врвот, од тврдината, од замокот. Импресивна е Алказабата со “бркање на ќеф” низ погледот на уредените паркови со фонтани и скулптури. Плени паркот, идеален со густи палми, патеки, барокни и ренесансни декорации, водоскоци со декорирани со вајарски креации. Тука може да се открие ботаничката градина со околу 2000 видови растенија од петте континенти.

Музејот на Пикасо не е стар. Датира од 2003 година. Привлекува со интересната градба Буеновиста со 285 избрани дела, донирани од семејството на големиот уметник. Разгледот трае повеќе од еден час за да се добие вистнскиот впечаток за богатото творештво. Во близина е и родната куќа на Пикасо и скулптурата во природна големина.

Во Малага може да се видат и Музејот на автомобили, Музејот Помпиду, на Тисон…, како и неколку уметнички галерии.
Привлекуваат бројни знаменитости. Такви се Римскиот театар, маварската тврдина Алказаба, замокот Гибралфаро. Плени и катедралата во ренесанса готика, наречена Еднораката дама, заради недовршената кула.
Секако дека се остава простор за прошетка низ центарот со споредните мали, шармантни калдрмисани улички, со бројни ресторани, кафулиња, слаткарници… Особено е “живо” во вечерните часови кога во атмосферата владее дух на забава и задоволства на сите возрастие. Во малага се густира сангрија и се вкусуваат тапаси. Специјалитет е тејерингос, пржено тесто. Незаборавни се чиросите.
Шармантната Малага никого не остава рамнодушен и желба за уште една средба.
Текст и фото: Каролина Мицевска