ЕМ ЗДРАВЈЕ, ЕМ СКАПА РАЗОНОДА

Стефанија Пирганоска (28), производител на магарешко млеко

Стефанија Пирганоска (28) од Дисан, неготинско е невеста во Варош веќе 11 години. Храбрата, трудољубива млада жена има интересна пасија. По професија е медицинска сестра, но произведува магарешко млеко. Првично почнала со производство на млекото исклучиво за нејзините три деца, но денес, шест години подоцна, вишокот измолзено млеко го продава. Од остатокот прави и природни сапуни. Полна со енергија, незапирлива, се грижи за трите деца, а одледува и 20-тина магарици. Сама рачно ги молзе магариците, со вилата крева, како од шега бале слама од 25 килограми, додека сопругот е отсутен по 2-3 месеци од домот, бидејќи е возач во Шведска.  

Идејата дошла поради болежливоста на децата. Природната лековитост на на магарешкото млеко ја испробале прво на челадта. Купиле пред шест години една магарица. Барале низ Македонија и едвај ја нашле. Видиле себап. Решиле да го прошират производството.

– Првите количества беа за децата. Вишокот го продававме. Првиот човек кој дојде да зема, беше пацинет од Јасеново. Едвај, зборуваше. По 12 дена беше како друг, лековите ги оставил. И до ден денес купува млеко. Потоа купивме 10 магарици. Не се размножува до 3 години. Прлето го носи од 11 – 14 месеци. Потоа 4-5 недели не се користи млеко кое е жолто. Тоа е само за прлето. Па потоа се молзе. Дава од 700 – 800 милититри дневно во првиот, вториот месец дава 800 милилитри млеко дневно од кои половината се за младенчето, а другата половина ја користиме за пиење. Се молзе максимум 8-9 месеци, но се намалува млечноста. Млекото има 1,4 проценти масленост. Не се вари. Има многу витамин Ц. За кашлица, за имунитет, пред и после хемотерапија, за црн дроб… Литар е 3500 денари. По 50 милитри дневно е доза за децата – вели Стефанија Пирганоска, производител на магарешко млеко.

Објаснува дека молзењето е ризична постапка, бидејќи магариците се вознемирувале дури и на шум од мачка, клоцале и касале со забите. Премногу внимава. Стигнале до 24 магарици. Зеле и 2 машки за оплодување. Продале едно машко. Сега имаат само две молзни магарици. Чекаат уште 3 принови. Сите се кај нив родени и се нивни.

– Макотрпно е молзењето. Бараат тишина и не сакаат движење. Ако има трактор во близина, се преплашуваат. Имаат огромен инает. Но, се нежни животни. Родени се кај нас и се приврзани со мене. Ме лижат, ме бакнуваат, ме галат. Имињата им се Елза, Џулијана, Ката, Милчо, Целе, Џовани… Омилена ми беше Ѕвездана. Беше првата што се роди кај нас, но мораше да ја усмртиме, бидејќи беше нападната од волците. Таа ми е непребол. Машките магариња ги продаваме откако ќе пораснат. Не продавам прлиња за колење. Приврзана сум. Плачам за нив –  вели Пирганоска.

Ги одгледуваат на фарма од 30 декари кај Заград. Одгледуваат луцерка, царевка. Земаат под закуп за сено и вакавски ливади. Уште се во шталата на сува храна, заради дождот и ладното време. На спрлните им штетела мувла, лоша храна и ги губеле зачнатите прлиња. Им чисти со вилата в раце и количката секој ден во шталото. Кога ќе се стопли ги чуваат надвор во заградениот простор.

Работи сама, ги храни и негува и магариците и децата кои се второ, трето и петто одделенец.

– Зависи кое дете во која смена е на училиште. Комбинирам и гледам да се вратам побрзо од шталата, оти мора јадење да му направам. Нема време за одмор. За молзење на една магарица потребни се 20 минути рачно. Потребна е и вештина, знаење. Ако се роди машко прленце, тоа веднаш цица, а женските се протомави, не цицаат и  ги ранам со цуцла – вели Пирганоска.

Млекото од магарица кое се пие свежо, го купуваат муштерии од Скопје и од Прилеп. Немале никаква финансиска помош од државата.

– Трудот не може да ми се плати. Добра страна ми е што ми се здрави децата. Скапа разонода е. Со машот ми сами финансираме. Немам време за летен одмор. Издржувам – вели Пирганоска.

Се надева дека ќе има сигурен пласман на млекото и проширување на фармата. Како секој млад човек и таа сонува за одмор на Малдивите, но обврските ја тераат да биде задоволна со она што го има.

МИТ Е МЛЕКОТО ДА БИДЕ ОД ЦРНА МАГАРИЦА

Во стадото има и црни и сиви магарици. Млекото е исто,што го дава и црната, и сивата магарица. Исто, како што нема разлика меѓу црна и бела кокошка, јајцето е исто. Мит е е дека млекото треба да биде од црна магарица.

ВОЛЦИ ИЗЕЛЕ 8 МАГАРИЦИ

Пред 2-3 години, пролетта, волци удавиле 8 магарици. Дел од магариците биле комплетно изедени. Ги направиле пепел и ги извлекле од оградата. Две биле каснати, но живи. После ги усмртил ветеринар. Истата година, есента волците им  грабнале уште две магарици и едно прленце. 

САПУН ОД МАГАРИЦИ

Со ладна сапунификација го правам сапунот. Користам свежо магарешко млеко, маслиново и кокосово масло. За арома користам тревки како мајчина душица кои ги чувам во маслиново масло и ги цедам. Сапунот се користи за егзема, бубуљици, првут, колку повеќе се чува и се сушат, толку побрзо Литар млеко користам за 18 сапуни кои чината по 300 денари. Кога почнавме со одгледување на магарињата не беа во регистарот за животни за добивање субвенции.

САМИ СЕЧАТ КОПИТА

Една магарица ме касна со забите и ме мавна во главата. Беше тазе опрлена. Морав да ја измолзам. За да не и се згрутчат боските. Несе врзуваат да бидат мирни. Копитата им ги сечеме сами два пати годишно. Бадијала не рекле, не се оди зад магаре, а пред магаре само очите треба да ти се во магарицата. Јас молзам и стојам назад. Им ги познавам движетата, знам како дишат.

Loading