Џез вечер со музиката од Клод Болинг ќе се одржи во 19 часот в среда во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”. Ќе настапи TOOT QUARTET.
Тоот свитата на Клод Болинг за трубач и џез пијано трио, напишана е специјално за францускиот виртуоз трубач Морис Андре, премиерно изведена во 1980 година. Тоа е едно од најтешките дела, каде трубачот свири на 5 различни труби.
Групата концертира од 2020 година со членовите Стојанче Косовски -труба, Емилија Кабранова Филипова – пијано, Зоран Павлоски – контрабас Филип Шурбевски – тапани. Тие се врвни музичари од македонската опера и балетот и други инсттиуции. Настапувале на бројни манифестации и концерти во земјава и во странство.
Клод Болинг бил детски генијалец. Од 14 години професионално свири џез пијано. Тој е француски џез пијанист, композитор, аранжер и повремено изведувач. Роден е во Кан, студирал на Конзерваториумот на Ница, а потоа во Париз. Заслужен е за традиционалното заживување на џезот при крајот на шеесетите години од минатиот век. Се дружел со Оскар Петерсон. Напишал музика за 75 филмови, музика за 44 ТВ серии, музика за пијано, флејта, виолончело, труба, виолина, гитара, саксофон кои се микс од популарна, џез, класична музика. Болин познат по соработката со “кросовер” со класични музичари. Неговата свита за флејта и џез пијано трио со Жан-Пјер Рампал, мешавина од барокна елеганција со модерна нишка, е топ селер долги години. Бил популарен во САД.