Даниел Мелвил Македонска рапсодија 73

Заклучувајќи дека сеништето ги напаѓа само нивните сосестри, жените, многу беа тероризирани од ова сознание. Чесни какви што веќе со генерации беа во Македонија, почнаа да се опколуваат со илјади одбранбени мерки од средба со фантомот.

“Господ да го столчи”!

Жени како жени, некои исполнети со нездраво љубопитство, шетаа ноќе да го видат сеништето. На многу им се исполија желбите. Што им се случило? Никој не дозна, оти молчеа и никому не кажаа подробности. Претпоставуваа со фантазија што доживеале љубопитните и лекоумни жени при средбите со вампирот.

Мажите, лути на “вампирската несреќа”, се собраа повеќе пати ноќе, снабдени со тешки аргументи од типот на ластегарката кога видоа дека молитвите од попот во црквата и разни други средства не помогнаа да се елиминира злото. Го чекаа вампирот со надеж дека таму каде молитвата се покажала бессилна, стапот ќе помогне да се спаси градот од големата неволја. Во два-три наврати успеаа речиси да го зграбат фантомот со нивните тешки и тврди раце и овој, вампир или не, ќе поминеше сигурно некоја и друга непријатна минута. Ама оној кој си имал работа со ѓаволот, знае дека човек не може да го фати ниту за главата, ниту за опашката. Му се слизнува меѓу прстите како јагулата што не е здраво држена и бега низ водата. Така, чесните граѓани продолжија да живеат со стравот од вампирот, кој упорно одбиваше да запри со своите недела низ порано спокојниот град.

Зиме, девојчето се чувствуваше на некој начин успано, “маглосано”. Сепак, зимата имаше добри страни, санкање, кнкање, фрлање снежни топки, правење луѓе и животни од истиот тој материјал што добриот Бог го испраќа од небото било во форма на беззначајна слана слична на илјади мали ѕвезди од мраз, или поголеми бели крпи, било од аспект на пердуви што неслушливо полека густо паѓаат и ја покриваат земјата со прекрасна бела бунда. Ама, како и да де, девојчето некако не ја сакаше многу зимата. На пролет, чудни промени имаше околу и во девојчето. Снегот исчезнуваше. Полека се топеше под првите потопли зраци на едно ново сонце и го снемуваше во форма на испарувања и потоци. Атмосферата стануваше млака и влажна. Сонцето се повеќе ја загреваше земјата. “Мртвите” дрвја воскреснуваа, пупките на гранките се распукнуваа и од нив се развиваа лисје и цветови. Потоа оживуваа птиците, другите животни, куќите, луѓето, планините…  И девојчето чувствуваше промени. Се замисуваше. Нешто нејасно почнуваше да дува низ неговото тело. На вечер остануваше долго седнато на малата клупа пред куќата. Ги гледаше безбројните ѕвезди посеани по небото. Друг пат се будеше ноќе заради полната месечина навлезена во собата низ отворениот прозорец. Остануваше долго време будно слушувајќи се во мистериозните ноќни звуци, или набљудувајќи ги полето и куќите посребрени од спокојната светлина на месечината. Тогаш девојчето чувствуваше како го фаќа чудна емоција и брзаше да си легне, да се покрие преку главата како да се плашеше од нешто, ама од што точно не знаеше.

По пролетта пристигнуваше летото, суво и жешко. Понекогаш небото се покриваше со тешки облаци и, претходени од заслепувачки секавици, експлодираа громови. Поројни дождови се истураа во облик на големи капки вода. Но ваквото време не траеше долго, и наскоро беше следено од процепи формирани меѓу облаците и тие простори постојано се зголемуваа, откривајќи парчиња сино небо, длабоко, безмерно, чисто како исплакнето од дождот. Љубопитните очи од девојчето тогаш го бараа виножитото, што речиси секогаш се појавуваше на небото после дождот. Децата весели и немирни трчаа и викаа: Виножито, виножито! Девојчето лакомо го вдишуваше воздухот исполнет со свежата миризба на озонот. Се чувствувашње радосно и лесно како џивџанче. Дните стануваа се подолги и потопли, а ноќите покуси и ги минуваше без доволно да списе. Какви ли не чудни мисли í минеа низ главата! Попладне легнуваше под едно големо дрво во градината зад куќата. Долго остануваше, задремано. Во полдневните саати градот стануваше тивок. Само прегреаниот воздух вибрираше над жешките покриви. Граѓаните или преспиваа, или ручаа под сенката на лозници.Истегнато под дрвото во градината, девојчето, со склопени очи, уживаше во галежот на топлото ветре што како, скитник и сирак без образование ниту бонтон, недискретно навлегуваше многу далеку, та чупето со секнат здив скокнуваше, стегајќи си ги со рацете тукушто из‘ртените гради, и гледаше наоколу, како да се плашеше некој да не ја видел и разбрал нејзината игра со ветерот. Спокојно легнуваше пак на кебето. Ги затвораше очите однесувајќи го на клепките отпечатокот на бескрајното сино длабоко небо, по кое, во интервали крстосуваа орли, императори на висините.

 (продолжува)

Loading