СЕ ОДМОРА,  ПИШУВАЈЌИ  ПЕСНИ

ИВАН  КУЗМАНОСКИ (78), пензионер – врвен во пикадото и во поезијата

Членот на спортската екипа во пикадо натпреварите при Здружението на пензионерите, Иван Кузманоски (78) не е само најдобар спортист кој знае стрелките да ги „намести” секогаш во добитниот, со најмногу поени круг, туку тој е и добар поет. Пишува такаречи отсекогаш. Откако е во пензија, пишува за децата од маалото, за соседите, за Македонија…

– Пишувам од мали нозе кога имам слободно време. Сега сум на 78 години, пензионер и пишувањето на некој начин ме одмора. Се чувствувам слободен и повторно одговорен, барем некој ред од било која песна што сум ја почнал денеска да напишам. Едно време пишував и роман. Го крстив, “Мижи Македон, да ти баам”. Не го завршив, запрев, иако имаше повеќе од 50 страници. Не дека не ми одеше, ами повеќе како да ми “легна” поезијата. Сум напишал многу песни. Се надевам дека еден ден ќе се осмелам и ќе ги соберам во едно книжуле. Не знам. Имам материјал. Оние кои ги прочитале велат дека песните се добри. Тоа ме охрабрува, ми даваат поддршка – додава Кузманоски, сообраќајниот инженер, пензионерот, поетот и се разбира добриот член на пикадо екипата при ЗП Прилеп.

Сака да се дружи. Постојано е во клубот. Активен е и вежба скоро секој ден со пикадо екипата. Отсекогаш сакал да пишува.

– Не можев  додека работев во Мермерскиот комбинат. Немав време. Работев во рудникот во Сивец. Имам завршено сообраќајно училиште и секогаш  бев одговорен да не ги пуштам камионите или автобусите во сообраќај ако се  неисправни. Се трудев и настојував да се разберам со возачите. Прво со мајсторите – механичарите дека возилата мора да бидат во исправна состојба. Ме преместија в град. И таму се грижев за за исправноста зао беспрекорната состојба на возилата. И тогаш и сега ми лежеше, и уште ми лежи, пишувањето – вели Кузманоски

Трагедијата во Кочани го инспирирала за песна. Ама, не му одело. Напишал само две строфи. И толку. Ќе се наврати подоцна кога ќе се соземе од чувствата што му навираат за тешката и лоша судбина што ги снајде децата од ова мало место.

АКТИВЕН СПОРТИСТ

Кузманоски е и активен спортист во Здружението на пензионерите. Со екипата му донесоа најмногу бодови на Здружението во 2015 година. Беа прваци во Македонија  во  дисциплината  пикадо во машка конкуренција.

КОГА ЧУКА ЧАСОВНИКОТ

Ој Прилепе граду хероју

Ти што раѓаш само јунаци

метнаесет мина даде херои

и Методија Ченто Претседателот.

Во Прилеп пукна првата пушка

за слободата на Македонија,

македонската историја

овој град ја пишуваше.

Кога чука часовникот

се навраќаат спомените

на маките од тутунари

за храброста на хероите.

Ој Прилепе граду хероју

во тебе растеа преродбеници

Круме Кепе, Блаже Конески

творците на нашиот правопис,

македонската граматика

овај град ја пишуваше.

Кога чука часовникот

се навраќаат спомените

на маките од тутунари

за храброста на хероите.

Иван Кузманоски

Loading