Благоја Бошкоски – Окото организира бесплатен ручек за социјално загрозените граѓани

На празникот Благовештение, на денот кога му е именден, прилепчанецот Благоја Бошкоски – Окото, организира бесплатен оброк за социјално загрозените граѓани во црквата Свети Кирил и Методиј – Параклис. Сака радоста на големиот православен празник Благовец, да ја сподели со повеќемина, на сограѓаните на кои им е потребна помош да им додели бесплатен ручек со што ќе ја покаже својата хуманост како човек и бизнисмен. За околу 250 граѓани ќе обезбеди оброк, а кои ќе дојдат во црквата од 11 до 15 часот и ќе си го земат ручекот.
Бошкоски сакал да реализира идејата веќе неколку години. Но, созреала кога надвладеале емоциите и дошол денот кога хуманоста може да ја спроведе и ги направи луѓето среќни.
Тргнал од верувањето дека поблажено е да се дава отколку да се прима. Дека е блажено да се помага на луѓето. Бог не учи и советува да мислиме и правиме добри дела, со чисто срце, а не дека мораш.
– Мотив за оваа хуманитарна акција ми беше да се помогне на посиромашните граѓани со еден ручек, вистински од срце и со мои лични средства. Задоволен сум што ми се даде шанса да се оствари дамнешната желба која во мене тлееше неколку години. Но, не знаев како да ја исполнам и остварам мојата благородна идеја. Целта ми беше да направам една добра работа, едно добро дело. Сакам да помогнам и да дадам ручек за посиромашните, и тоа на големиот христијански ден, Благовештение, познат кај народот како Благовец- вели Бошкоски.
Тој ги повикува, на 7. април во црквата Свети Кирил и Методиј – Параклис, в понеделник од 11 часот до 15 часот, да дојдат и да се почестат со ручекот
Предлага и посакува неговата идеја да стане традиција на големиот празник Благовец, да се помога на посиромашните граѓани и пошироко и со други добри дела.
– Се чувствувам задоволен, исполнет и спокоен, со благодарност и убаво чувство. Сметам дека можеме да им помагаме на луѓето на различни начини, затоа што смислата на постоењето е да помагаме на луѓето – вели Благоја Бошкоски – Окото.
Искажува благодарност до Центарот за возила Прва Прилеп, Брокерското друштво НОБ Скопје и Друштвото за наука и уметност од Прилеп, за поддршката и помошта што му ја дале.