Даниел Мелвил Македонска рапсодија 72

Никогаш Лето вака не í зборнал на една жена. Можеби само на покојната сопруга. Носејќи ја на рацете Мариса, го чувствуваше стравот пред драмата што ќе се случеше ако красната креатура се фрлеше во реката и се убиеше. А, девојката, со рацете, му го стегаше вратот околу тилот и плачеше.

По скалите во зградата, не осети тешкотија. Влезе во станот и ја спушти Мариса на леглото. Ја заклучи вратата.

– Продолжуваме да го славиме Коледе.

Тоа Коледе и тој Божик и зимска студена париска ноќ, беа нешто најубаво што Мариса и Лето дотогаш ги доживеале.

Кога Ружди го доби радиограмот од Мариса и Лето со известување дека се венчале, им одговори со честитка, пратена од некое јапонско пристаниште. Пишиваше.

 “Мило ми е што се сродивме. Догодина гледајте да ме израдувате со близнаци!”.

Девојката, пролетни будења, летни ветрови и сеништето

Предисторијата на новелава беше едно чупе по потекло од македонско село кое се запиша во гимназијата на нашиот град. Девојчето немаше ништо “заостанато”. Веројатно никогаш не претпостави дека ние, млади гимназијалци, го сметавме за најубаво во училиштето. Ја гледав седната на малата клупа пред куќата каде имаше наемено соба. Внатрешно се растреперував пред нејзините убави нозе, младите гради, кожата со убава млечна нијанса, косата со златна боја и модрите очи.

Еден соученик, разочарано ме информира дека неговиот братучед Хикс Ипсилон, постар и докажан Дон Жуан, “ја фатил” девојката. Навистина, го гледавме како шета со неа на вечер по корзото. Жал ни беше што “тој женчар ќе го упропаси убавото девојче”.

На тоа красно селанче му ја посветив новелава, што под малку различен наслов беше објавена некогаш негде, во едно македонско емигрантско списание.

Од некое време страв завладеа со некогаш спокојните ноќи во градот. Штом мракот ќе почнеше да го голта, сите брзаа да се вратат дома. Вратите, кепенците се затвораа и луѓето со ужас ги слушаа злокобните гласови на ноќните грабливи птици, кои ги надлетуваа заспаните куќи и се довикнуваа во темнината, како да предвидуваа и предвестуваа големи несреќи, болести (народното верување, зар не, тврди дека во годината ќе има смртен случај во куќата на чиј покрив се спуштила некоја од ваквите птици?!). Стари жени палеа кандила пред иконите и се крстеа. Мажите без да сакаат си спомнуваа народни песни, што датираат од времињата кога болести, големи епидемии истребуваа сé живо: “Чумата коси, селото се крсти”.

Стравот загосподари во душата од работливиот народ. Ова чувство задува како ветер дојден од гроб по темните ноќни улици, низ кои не беше повеќе можно да се сретне жива душа после стемнувањето. Ништо освен мачки, злобно размјаукани и безбројни кучиња кои, кој знае зошто, повремено очајно се разлајуваа како кога предосетуваат смрт во еден дом или, како во народната песна: “Кучињата лајат, лоши луѓе идат…”. Страв не беше без причина. Во градот се појавило сениште, вампир. Призракот се покажуваше ноќе во форма на чудна сенка, што нечујно се движеше по улиците, барајќи нови жртви. Така на пример, две-три млади девојки го сретнале и, неколку месеци потоа, исчезнаа без никој да може да каже што им се случило, каде отишле. Друг пат, кога еден од градските првенци беше в село, сеништето се пикнало во спалната од неговата несреќна жена. Ја наклапушило и ја измачувало цела ноќ. Вампирот често одел ноќе кај таа жена и толку ја исцрпил, што почнала да има лоша сима, сиромашката, и од здрава и силна што била, почнала да слабее. По неколку седмици вампирот, вистински ѓавол, се скарал околу жената со нејзиниот сопруг. А сопругата заминала во друг град. Никој повеќе не ја видел, ниту чул нешто за неа.

 (продолжува)

Loading