Изложба
Во галеријата од ЦК “Марко Цепенков” вечерва ќе биде отворена изложбата Лет’с Талк Абоут План(т)с, Бабѕ! (Ајде да си зборуваме за растенија!) од Елена Димоска Николоска. Нашата уметница првпат се претставува со самостојна изложба.
Уметничкиот проект ја истражува убавината и упорноста на природата, наспороти човечката летаргичност и занемарување.
– Фокус е ставен на два специфични новоизградени објекти во Прилеп, основно училиште и градинка, кои покрај тоа што веќе неколку години се изградени, до сега не се користени за нивната намена. Наместо со детскиот глас и насмевки, дворовите објектите се исполнети со разновидни растенија. Додека двата објекти полека се распаѓаат, а многу деца и родители го очекуваат отворањето, природата величествено процветала во отсуството на човечко присуство. Се истакнува дијаметралната спротивност меѓу човечкото занемарување и упорната способност на природата да ја пополни празнината. Проектот покажува како природата наоѓа начин да даде цел на напуштените места, трансформирајќи ги во живописни градини и шуми – вели Димоска.
Се потенцира и концептот на игнорирање на “слонот во просторијата”, новите, а веќе остарени, несудени образовни институции.
– Често, ние луѓето се фокусираме само на она што е директно, игнорирајќи и прескокнувајќи значајни проблеми кои лежат малку подалеку од непосредната перцепција. Проектот ги поттикнува гледачите подлабоко да размислат, со тоа што повторно ќе се фокусираат на малите, “убави” проблеми кои виреат околу она што треба да им биде во главен фокус, но, и да í посветат внимание на природата, почитувајќи ја нејзината непокорлива способност да создаде нешто и таму каде што скоро и да нема ништо – додава уметницата.
Димоска Николоска е наставник по ликовно образование. Дипломец на ФЛУ во Скопје од 2017 година. Сега е студент на магистерски студии. Фокус í се социјалните теми, третирани преку сликарството како главен ликовен израз. Од неодамна истражува со скулптурата, како и со новите ликовни медиуми.
Учествувала на повеќе групни изложби и на ликовни колонии.
![]()

