Општина Прилеп активно учествуваше на партнерската конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија”, каде што заедно со претставници од министерствата, општините, приватниот и граѓанскиот сектор се дискутираше за клучните предизвици и идните чекори во управувањето со отпадот.

Регионално управување со отпадот е клучен приоритет. Градоначалникот Борче Јовчески истакна дека формирањето на меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад и завршувањето на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие е неопходен чекор за подобра координација, поефикасни услуги и одржливо управување со отпадот. Прилеп, заедно со останатите општини, работи на создавање функционален регионален систем, кој ќе обезбеди модерна инфраструктура и ефективни решенија.
Лидер во селекцијата на отпад е Прилеп. Градот е редок пример за успешно имплементирање на системот за куќна селекција. Со распределени 23.000 канти за селекција во 12.300 домаќинства,Прилеп има јасна визија и одговорен пристап дека селекцијата може да стане дел од секојдневието на граѓаните. Следен чекор е градбата на современ центар за селекција, за подигнување на управувањето со отпадот на повисоко ниво и за поттикнување на циркуларната економија.
Финансиска одржливост преку реформа на тарифирањето – Голем предизвик останува финансирањето на системот за управување со отпадот. Прилеп апелира за итно носење на нова методологија за тарифирање, која ќе обезбеди финансиска стабилност на комуналните претпријатија и поквалитетни услуги за граѓаните.
Како што беше истакнато на конференцијата, успешното управување со отпадот не е одговорност само на една институција, туку бара силна соработка меѓу општините, националните власти, донаторите, приватниот сектор и граѓанското општество.
Прилеп останува посветена на процесот на продолжување на активностите за подобро, поефикасно и одржливо управување со отпадот.