Најава за зголемена безбедност на пешаците
Ќе се засили безбедноста на граѓаните низ улиците со 50 нови хоризонтални забавувачи за намалување на брзината, популарно наречени “легнати полицајци”. Градските власти ќе ги штитат граѓаните од безобразните и безобѕирни возачи. “Џандари ќе лежат” на улиците со поголема фреквенција на возила и каде се вози со поголема брзина. Се очекува, локалната самоуправа да ја добие апликацијата за средства во министерството за транспорт и врски и наскоро да се утврдат сообраќајниците каде ќе се зајакне безбедноста и ќе се заштитат пешаците. Досега главно се поставуваа околу училиштата, градинките, здравствените установи. Последни забавувачи за смирување на “палавите возачи” се поставени на влезот и излезот на градот од Плетвар, на улицата “Александар Македонски”, но и на другата страна, за Битола, на стариот пат, кај фабриките Металец, односно Партизанка. Сите се означени со соодветната вертикална сигнализација, навреме да ги предупредува возачите дека треба да ја намалат брзината.

Дел од возачите реагираат на височината на хоризонталните препреки и на оддалеченоста на вертикалните знаци од “грпките”. Според нив, испупчувањето не е обележано со соодветна флуоросцентна боја, а знаците се блиску, што го прави предипредувањето тешко изводливо.

Локалните власти велат дека изградени се според правилникот за сообраќајно – техничките критериуми за средствата за забавување на сообраќајкот во градските средини. А во нив стои дека димензиите на вештачките испакнатини се за брзини до 50 км/ч, височина до 3 цм, а ширината не треба да биде помала од 60 см., за до 40 км/ч високи до 5 см, а широки не помалку од 90 см., за до 30 км/ч, висина до 7 см, а ширината не помала од 120 см. Дел од нив треба да бидат гумени или пластични модуларни елементи. Дел може да бидат од асфалтна или бетонска маса со материјал против лизгање и означени со рефлектирачки материи да ги забележуваат возачите. Вештачката испакнатина може да биде поставена преку целата површина на коловозот под прав агол на патот поединечно или во низа во висина од 7 до 12 см.

Процедурата оди преку локалната самоуправа која барањата на граѓаните и сопствените стручни согледувања, ги проследува до ЈП ПУП, кое го подготвува проектот, кој се враќа во локалната. Оттаму оди на последниот филтер, во МВР – Битола. Ако се задоволени сите стандарди и не се потребни технички интервенции, се враќа во локалната самоуправа која распишува тендер за изведување со соодветни услови. Техничката изведба ја контролира ЈП ПУП.

Отстранувањето е посложено и скапо. Потребна е пријава, па увид, записник, да се “извади грпката”.
Има слабости смирувањето на сообраќајот со “лежечки полицајци”. Ги забавуваат возилата за итни интервенции и автобусите на градскиот сообраќај. “Грпките” можат да предивикаат застој, сообраќајна незгода, дефект, зголемена потрошучка на гориво, а со тоа раст на загадувањата.
Во светот се поставуваат модерни средства за забавување на сообраќајот на критичните места, а не како кај нас со обичните нерамнини. Тие се меки, прицврстени за подлогата, осветлени и спречуваат лизгање, дури и со трепкачи и звучни сигнали.
“Лежечките полицајци – забавувачи” не се единствените смирувачи на сообраќајот.