160 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

За 160 годишнината од раѓањето на македонскиот професор, публицист, историчар и идеолог на Македонската револуционерна организација, Ѓорче Петров, делегација од Општина Прилеп и Советот, како и претставници на СОУ „Ѓорче Петров”, Сојузот на борците и на ОК на ВМРО – ДПМНЕ, положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот на истакнатиот револуционер во центарот на градот и пред неговата родна куќа во населбата Варош. Роден е на 2 април 1865 година во Варош, Прилеп а загинал на 28 јуни 1921 година во Софија.

Ѓорче Петров е еден од најзначајните дејци на Македонската револуционерна организација (МРО), наречен „Разумот” на револуционерната борба.

– Целиот свој животен пат со реалистичен ум, челична волја и фантастична заљубеност, служел на идеите за државно – политичко осамостојување на Македонија. Еден е од авторите на Уставот, правилници и документи на МРО. Учителствувал во повеќе градови, каде и формирал разни групи и кружоци. За време на Илинденското востание со своја чета учествувал во Битката на Маргара (Мариово) на 2 октомври 1903 година. Бил оженет со Јорданка Попова.

Убиен е во Софија (Бугарија) на 28 јуни 1921 година. Во Република Македонија по него е именувана една општина во Скопје, каде има истоимено основно училиште, како и во с. Ропотово (Општина Долнени), а во родниот Прилеп, Кавадарци и Крива Паланка, патрон е на средни училишта. Неговото име е застапено во разни области како и во спортот, а постојат повеќе споменици и спомен – обележја посветени на големиот револуционер – ќе забележи Рубинчо Белчески, историчар.

Во СОУ ,,Ѓорче Петров” беше откриен мурал со ликот на Ѓорче Петров.

Loading