Ранета вработена по пет истрели

Драма во Центарот за социјални работи

Судот го лиши од слобода и го притвори до 30 дена А.Ј. (50) од Прилеп, кој пред неколку дена направи обид за убиство во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, испукувајќи пет куршуми и при тоа ранувајќи еден социјален работник, која не е во животна опасност. Судот оцени дека е оправдано барањето за притвор, оти постои страв дека осомничениот ќе се даде во бегство и ќе влијае на сведоците, но и поради опасност од повторување на делото. А.Ј. се сомничи за обид за убиство и неовластено држење оружје. Тој бил санкциониран за телесна повреда, загрозување на сигурноста и демнење. Сега издржувал мерка на задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.

Според МВР, полицијата го лишиле од слобода А.Ј.(50) од Прилеп, затоа што пукал со огнено оружје кон вработената М.Ѓ.(37) во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Прилеп и í нанел повреди. МВР информира дека, на 21 март, психијатриската болница во Демир Хисар пријавила во полицијата дека побегнал пациентот А.Ј. Полицијата проверувала како успеал пациентот да избега при транспортот од болницата до судот во Прилеп и како дошол до оружјето.

Во установата се одвивала вистинска драма, која, за среќа, не завршила фатално. Директорот Зоран Малкоски мислел дека А.Ј. носи само пиштол плашливец со ќорци. Првин осомничениот пукал во ходникот и продолжил во канцеларијата на директорот.

– Се боревме додека имаше пиштол в рака. Мислев дека не е вистински. Од ходникот успеав да го внесам во канцеларијата и да го неутрализирам. За жал, испука и тука куршуми. Не видов дека колешката е повредена – вели Малкоски.

Го смирил и го задржал до пристигнување на полицијата, кои, покрај пиштолот, кај него одзеле и нож.

Малкоски вели дека доколку од болницата во Демир Хисар известиле дека побегнал пациент поврзан со дело и закани на вработен во социјалната установа во Прилеп, ќе ја зголемеле безбедноста.

– Колешката континуирано пријавуваше дека тој и приватно í се заканувал. Има податоци во МВР. Се изненадив кога го видов, оти знаевме дека уште е во Демир Хисар. Се обидов да го контактирам директорот на болница во Демир Хисар, но не се јави – вели Малкоски.

Министерството за социјална политика, демографија и млади даде виза да се обезбеди физичко обезбедување на Центрите за социјална заштита во земјава.

Loading