КАМЕЊАТА СЕ ПРАЗНИК НА ОЧИТЕ

Необична пасија на Петре Ангелески

Збирката од стотина камења, меѓу кои и полудрагите аметист и корунт, е собирана од чувството за потрага по природната убавина

Скромна колекција од околу стотина различни видови кристали и минерали располага 77 годишниот пензионер од Мермерскиот комбинат Петре Ангелески. Меѓу највредните е примерок на полудрагиот аметист. Збирката е плод на страста кон природата, кон убавото, родена во младоста и школувањето. Сопственикот не сака да знае колкава е вредноста на збирката, собирана повеќе од половина век за задоволство на душата и полнење на очите со блесоците на формите на природните феномени. Ги сортира од кеф по убавото, од природниот дар на формите. Ангелески не размислува за продажба. Затоа колекцијата не е стокмена во албуми, ниту посебни витрини, туку сјајните и крупните примероци, меѓу кои и полудраги камења, се сместени во обичен стаклен плакар. Сопругата му се лути на пасијата понекогаш, оти е нужно одржување од прашина. Збирката, главно, е собирана со размена. Домот го красат полудраг ахат и корунт, макар што има природни минерали на олово, бакар, цинк и други кристали и неметали.          

– Колекцијата ја собирав од интерес кон камењата во потрагата по убавината, од љубопитство. Во средното училиште во Пробиштип учевме потамина, без слики, без примероци. Не знаевме да разликуваме, оти немаше да ги видиме. Затоа тргнав по стапките на рударите кои поднајдуваа и собираа камчиња во боја од околината на рудникот за мермер Сивец, кога станав техничар во Мермерскиот комбинат пред 60 години. Се најдуваат мали примероци, природно подготвени, само да се издупчат, да станат накит. Претежно се розеви и виолетови, има и парчиња на поцрвени и побледи. Сега земјата не се обработува и ретко се наоѓаат, освен после поројни дождови – објаснува Ангелески.

Во рудникот доаѓале и средношколци и студенти да ја видат експлоатацијата и минералите. Студентите барале примероци од рударите.       – Контактирав со професорот Бариќ. Не поврза страста за камењата. Ми испраќаше примероци од минерали, а јас му враќав прилепски корунт во розева боја. Разменував и со Галески, поранешниот директор на Партизан. Се јавуваше некој Србин, Жегарац, кој сакаше во фирмата Корунт во Крушево да обработува прилепски корунт. Се обиде, но зафатот не му тргна, оти технологијата беше скапа. Скопски обработувач бараше розеви корунти за експериментална обработка. Мислам дека и тој не успеа – кажува Петре.    

Ангелески подарил по некој примерок во пробиштипското училиште за школската збирка, оти децата треба да видат за да знаат, а не да учат само теорија. Подарувал на колегите на генерациските средби.

На крајот на умот не му доаѓа да ја продава колекцијата, иако со годините не му е збогатена со нови примероци. Сега дел од колекцијаа е кај него, а  дел кај ќерка му.

Корунт за Киријакидис

– Во 2000 година дојде да го види рудникот тогаш новиот сопственик на Мермерскиот комбинат, Киријакидис од Грција. Зборуваа нешто за корунтот. Преведувачот кажа дека газдата барал парче корунт да нарача филигранска обработка за прстен за неговата сопруга. Им кажав дека имам парче колку орев во шкафот и му го дадов. Се изненади пријатно, оти корунтот беше, небаре обработен. Ме прашаа кој го работел и им кажава во шега дека Дедо Господ го извајал. Не знам дали парчето се претвори во прстен за газдарицата – кажува Ангелески.

Loading