Другата причина за барањето на документите од девојката беше таа што Шуман сакаше да провери која е, да не е некоја стапица што некој му ја спремил. Ако се лажни документите, веднаш ќе констатира. Мариса, увидувајќи дека алтернативата и е да се врати на улицата, или да се согласи со гостопримството на непознатиот човек, послушно му ги даде документите.
– Добро, додека спремам нешто да каснеме, појдете во бањата, и освежете се. Еве ви чист пењоар, облечете го после капењето.
Кога ги разгледа документите, Лито си рече дека би можел да ја вработи во претпријатието што му служеше како параван за криење на неговите други активности, а се најдуваше на адресата од овој стан. Ќе í дава досиија да пречукува на машина, да ги фотокопира, да одговара на телефонот…
Коледната католичка вечер, како и лани, и годинава, обичајот е да се мине во кругот на семејството. Мариса и Лето ја славеа во станот со обилна софра со балкански и француски специјалитети. Слушаа пригодна музика, мелодии на руски песни од Иван Реброф. Ставија на грамофонот плоча со други интерпретатори. Како што правеа честопати, разговараа за верата, за класичната музика, за големи поети и писатели, за филмови што им се впечатиле подлабоко во меморијата. По полноќ, се поздравија со традиционалното македонско “Христос се роди!”, пожелувајќи си добра ноќ. Лето стана со намера да мине преку бањата за својата вечерна тоалета, и да легне да спие. Мариса со тон каков дотогаш никогаш не употребила, му рече:
– Седни, сакам нешто да ти речам!
Зачуден од тонот, седна:
– Кажи?
– Речиси година ипол живееме заедно во станов. Ме третираш добро. Ми праќаш плата редовно на сметката. Но, дали ме забележуваш, Лето? Понекогаш се прашам дали постојам, дали сум жена, или сум само машина, фотокопирач, телефон, или нешто слично. Млада сум, здрава. Верувам дека сум убава, чиста, елегантно облечена. Не одам по мажи, добро јадам, спијам, а ти никогаш не само што не си ставил прст на мене, туку и изгледаш како апсолутно да не ме забележуваш. Зар не си се прашал, како ми е? Не ти е јасно дека имам и други потреби?
– Што ти е потребно, кажи ми, ќе ти го створам веднаш?
– Ми треба маж. Телово ми гори. Имам потреба од човек, од сопруг, од деца. Зар толку сум грда?
Одеднаш Мариса стана:
– Не можам да издржам! Многу те сакам! Ќе се убијам! Ваков живот човек не вреди да го проживее!
Истрча надвор од станот со плачење, слегувајќи по скалите ги изгуби чевлите и боса, по чорапи, затрча низ студот накај Сена што спокојно ги тркалаше своите води во кои се огледуваа уличните светлини и украсни божикни ламби.
Здивот му се пресече на Лето. Ја избриша махинално устата со белата како снег салфета. Се стрча по скалите надолу. Излезе на улица и се загледа лево-десно. Ја виде Мариса доста далеку како трча кон Сена. И тој, човек кој толку малку знаеше што е страв и понекогаш се прашаше дали отсуството на страв е нормална појава, или нешто во психата не му е во ред, одеднаш осети ужас. Во фантазијата ја виде Мариса во водата на реката, што е толку студена во оваа сезона, та човек ако не се удави, после неколку минути би умрел од студот кој би му го парализирал срцето. Мариса, преубавата девојка, изгубена за секогаш, мртва, со нејзините прекрасни очи безживотни, стаклести. Почна да вика:
“Мариса, застани, запри, те сакам, отсекогаш сум те сакал!”.
Ветерот и неколку ретки снегулки го голтнаа неговиот вик. Некои минувачи го гледаа изненадено. Продолжи да трча. Ја стигна девојката близу до Сена, ја фати за половината одзади и, иако беше висока скоро колку и тој, развиена, неговите набабрени мускули ја дигнаа како предув. Ја носи назад кон станот. И ја бакнуваше косата жолта како злато, белото убаво лице и возбудено и зборуваше:
– Будалче, не си осетила колкупати сум се држел за опирачите од фотелјата да се воздржам да не те гушнам?! Зар не си се сетила колку ноќи сон не ме фаќал од мисли и желба за тебе?! Како најде да сакаш да се убиеш во една ваква ноќ, ноќ на мир, ноќ на еден од најголемите празници на љубовта, на мајчинството?…
(продолжува)