БАЛЕТОТ Е ПРОФЕСИЈА КОЈА БЕШЕ ТАБУ ВО ПРИЛЕП

Стеван Јанкоски (73), пензиониран балетски играч

Секоја професија си има своја тежина. Многу одрекувања, вложен труд, вреднувања, но и достигнувања. Меѓу оние професии кои носат аплаузи на отворена сцена и се ретки, е и професијата балетски играч, односно балетан. Токму таква имал и прилепчанецот Стеван Јанкоски. Тој сега е пензионер кој живее во Сараево. Признава дека тоа било работа која за прилепчани била табу тема. Горд е на својата професија. Уште посреќен е што животот му нанел многу турбуленции, но успеал да се одржи како лушпа орев на силен ветер во немирна вода. Животот го фрлал, те во Македонија, те во Босна. Во Прилеп го знаат и викаат Стеван Балетано.

– Се зависи од средината и начинот на размислување. Кога ќе му кажев што сум по професија, имаше непријатни момент, односно велеа дека тоа е “давајгаска” работа. Тоа е професија како секоја друга. Различни се сваќањата на луѓето – вели Стеван Јанкоски, пензиониран балетски играч.

Тој бил еден од тројцата балетани, запишани во далечната 1968/1969 година и го завршиле средното балетско музичко училиште во Скопје. Љубовта кон балетот кој е уметност која бара и предиспозиции и посветеност, му се родила како дете, додека ја посетувал драмската секција во тогашниот Пионерски дом.

– Потребен е талент за балет. Одев во драмската секција во Пионерскиот дом која ја раководеше тетка Рада од Скопје и која откако ги увиде афинитетите создаде и балетска секција. Во Скопје се отвори средното балестко училиште. Конкуриравме тројца машки, со мене беа и Мице Попоски и Бранко Иваноски и 6-7 девојчиња, меѓу кои Кони, Љубинка, Лела и други. После 5-6 години се запиша уште едно момче, а дали заврши не знам – се сеќава Јанкоски.

Веднаш се вработил. Играл во многу балетски претстави. На 21 годишна возраст во Шибеник гостувале на детски балетски фестивал со претствата Петар Пан во која го играл Индијанецот. Со Мице Попоски добиле понуда за сараевскиот балет. Ја положиле аудицијата. Повисоката плата и станот, биле пресудни таму го продолжил професионалниот живот. Управата на сараевскиот театар ја вратила стипендијата на скопскиот театар. Но, животот бил суров и повторно го вратил во Македонија.

– Таму ја запознав и сопругата Бранка која беше шминкер, фризер, односно перикер. Се оженив и добивме син. Во Сараево бев од 1973 до 1992 година. Заради војната, со македонскиот конвој, се вратив таму од каде што тргнав – вели Јанкоски.

Во родниот град наишол на топол прием и широко отворени врати и срце од најблиските, од братот, сестрата, од роднини и пријатели. Со игра на случајноста, нашле привремен стан во кој останале до 1997 година. Освен покрив над глава, нашле и работа, дури и со професијата. Враќањето во Прилеп било многу макотрпно. Продавал праски на пазар, работел сé и сешто, додека не се вработил повторно во Македонската опера и балет во Скопје. Развил и балеска школа во Прилеп.

– Тешко е кога ќе излезете од удобноста. Пет години патував секој утро на работа до Скопје, и навечер, назад во Прилеп. Сопругата работеше во прилепскиот театар, со кој и јас соработував како кореограф. Во Домот на армијата одржував часови по балет со 20 деца. Подготвувавме кореографии за детски претстави – вели Јанкоски.

Откако минала војната, по 5 години живот во Прилеп, се вратил во Сараево и се посветил пак на балетот, но овој пат како профессор, педагог, воспитувач, пренесувајќи им го знаењето на учениците во тамошното нижо и средно балетско училиште. Целото знаење и љубов ги пренесол на следните генерации.

– Балетот не е женска професија. Целиот живот е поделен на машки и женски свет. И за игра, танц, потребни се и мажи и жени. Балетската уметност е тешка и напорна, бара многу одрекувања, од храна, дисциплина, вежбање, изложеност на чести повреди. Секој ден потребно е да се прават вежби, прво за истегнување и проби кои просечно траат по 3 – 4 часа. За балетан се потребни предиспозииции. Добра координација, ритмичност, отвореност, елестичност на тетивите. Со упорна работа се постигнуваат добри резултати – вели Јанкоски.

Пред 4 години имал скршеница на петицата и го спречува да подрипнува и прави изведби дома во слободното време. Кога може оди в театар да види што и како подготвиле колегите.

Живее мирен пензионерски живот надвор од Сараево. Се релаксира со земјоделски активности. Животната голгота го научила дека секој треба да го следи срцето и дека нема ништо посилно од љубовта кон професијата.

– Некои фази во живото минуваат. Секој треба да одбере што сака да биде, ако постои љубов, и перспективите, ќе се засилуваат. Сами треба да ја бираме професијата. Скопје има добар расадник во балетската дејнот. За разлика од Сараево каде е потешко заради конзервативната средина. Жалам што во Прилеп, нема интерес за балет – вели Јанкоски.

Како што завршува секоја убава приказна за професија која се работи со љубов, така и онаа за Стеван Јанкоски, се финишира со констатацијата дека, ако би избирал, тоа би било пак, балетан.

И БАЛЕТАН, И КОРЕОГРАФ

Како што глумецот е споен со режисерот, така и балетанот и кореографот се едно. Стеван Јанкоски, освен како балетан, се докажал и како кореограф во претставите во прилепскиот театар: Јунаците од бајките пеат, Глембаеви, Пинокио, Медеја, Мандрагола, Мачорот во чизми, Василица прекрасна и други.

Омилени балетските претстави му се: Кармина Бурана и Болеро. Гостувал насекаде во Европа, Израел, Тунис и други места.     

ОПКРУЖЕН СО УМЕТНОСТ НА СЕКОЈ ЧЕКОР

Јанкоски, освен талентот што го има за балетската уметност, секогаш бил опкружен со луѓе кои се дел од уметничката фела, покрај неговата сопатничка Бранка. Суфлерот Љубица Жежоска му била тетка, роднинска врска имал и со Кирил Ристоски. Неговиот син свири на  труба. 

Loading