Се подготвува „Чиста куќа”

Театар „Војдан Чернодрински”

Во театарот „Војдан Чернодрински” се подготвува претставата „Чиста куќа” по текст од авторката Сара Раул, во превод и режија на Тамара Стојаноска. Ова е прв проект од годишната програма за работа на театарот за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Драматург е Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, за сценографија и дизајн на плакатот ќе се погрижи Филип Коруновски, а изборот на костими и музика ќе биде на режисерката Стојаноска, која премиерата ја најавува во мај. Музички соработник е Ана Митоска.

Во претставата ќе играат Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Јасмина Мицовска Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.

„Чиста куќа” (2004) е длабоко човечка приказна испреплетена со елементи на магичен реализам. Претставата ќе зборува за животот полн со непредвидливи моменти – љубов што нè обзема, загуба што нè парализира, смеа што нè ослободува. Во „Чиста куќа”, Сара Рул ни покажува дека, иако се обидуваме да го исчистиме, организираме и контролираме животот, на крајот мора да го прифатиме фактот дека немаме конечна контрола. Претставата ќе ја истражува тензијата помеѓу редот и нередот, помеѓу човечката потреба за структура и неминовната реалност на промените. Ликовите се борат со своите најдлабоки стравови – смртноста, тагата, напуштањето, но истовремено се соочуваат и со неочекуваната убавина на блискоста и хуморот како една алатка за ослободување. Тие учат дека чистотата не е само прашање на среден дом, туку на прифаќање на животот таков каков што е: несовршен, неуреден, но исполнет со љубов и непланирани моменти – вели режисерката Тамара Стојаноска.

Loading