Македонска рапсодија – Даниел Мелвил 70

Кога заѕвони ѕвончето на влезната врата од апартаментот, Лето Шуман погледна на часовникот: 10 без 15 на вечер. Кај него ниту дење не идеа нејавени луѓе по телефонот. Со револверот зад грбот, спремен на акција, ја подотвори вратата.

– Тука ли е Ружди? – праша млечно белата девојка со жолто-златна боја на убавата коса.

– Не е, а вие сте негова пријателка?

– Не, јас сум му роднина…

Непознатата изгледаше разочарана заради отсуството на Ружди. Се колебаше. Не знаеше што да рече. Шуман ја отвори сосема вратата:

– Влезете – ја покани.

Девојката влезе, а искусниот пенетрирачки поглед, без таа тоа да го осети, ја анализираше со голема брзина: Девојката како да дошла од друга планета. Нема ништо за Албанка како што досега видел. И предложи да седне.

– Од каде знаете дека разбирам македонски? – ја праша.

– Ружди пиша писмо до своите во Македонија дека има пријател со кого живее во ист стан, и кој е Македонец. Инаку, јас француски. Малку знам од ученото во Албанија.

– А, вие сте дојдени од Албанија?

– Не, од Албанија. Побегнав во Македонија. Таму останав некое време во фамилијата од Ружди. Сакаа да ме мажат за некој постар човек кој не ми се бендисуваше, та избегав во странство.

– Како избегавте?

– Со лотка, преку Јадранското Море. Бевме 11 души. Се загубивме по патот. Тројца умреа во лотката, другите се разболеа. Во Италија, некои мажи сакаа… сакаа…

– Разбрав, прескокнете го тоа. И понатаму?

– Дојдов до границата со други. Ја минавме скришно, после со автобус стигнав до Париз. Пред два-три саати стигнав преку Лион, и некако ја најдов вашава адреса.

– Со други зборови, не знаете каде да појдете, ниту што да правите?

Девојката ја наведна главата, што беше јасен одговор.

– Како се викате?

– Мариса.

– Во какво сродство сте со Ружди.

– Подалечни роднини сме. Не знам што ми паѓа како роднина. Два дела од фамилиите се разделиле, оти ние сме од Јужна Албанија, Тоски, а Ружди и неговите се со Гегите. Се населиле во Македонија на почетокот од веков. Тие се муслимани, а јас сум христијанка, католичка, ама од нашата вера такаречи ништо не знам.

– Под Енвер Хоџа, не сте можеле многу да научите.

– Кога ќе дојди Ружди?, праша девојката.

– Не знам. Тој е морнар. Кој знае во кој дел од светов е неговиот брод.

Девојката почна да ја фаќа паника.

– Што да правам? Сум слушала дека ние кои сме завршиле факултет во Албанија, во странство имаат малку шанси за работа во професијата…

– Претпоставувам и дека немате пари?

– Немам мно. Неколку жолтици што ги носам од Албанија.

– Многу добро сте научиле македонски.

– Брзо учам јазици, ама, како што слушате, нагласокот не ми е добар. Грешам при изговорот.

– Не е страшно. Со мене ќе научите и француски и англиски.

– Англиски нешто знам, учев на факултетот.

Лето стана. Ја отвори вратата од една од спалните:

– Оваа е собата од Ружди. Вие ќе се сместите.

– А жена ви што ќе рече?

– Не сум женет, вдовец сум и живеам сам.

– Сама со вас да живеам – потскокна Мариса.

– Силата законот го менува, чупо. Нема никаква опасност. Нема да го злоупотребам гостопримството. Во моментов тоа е најдоброто решение. Имате ли некакви лични документи?

– Да, во чантава.

– Дајте ми ги да ги разгледам. Од утре ќе треба да се средува вашата ситуација за престојот во оваа земја.

 (продолжува)

Loading