Јубилеј вреден за почит

Андриана Ристеска, директор на ГБ „Борка Талеска”

Библиотеката „Борка Талеска” како институција, на која сте директор, годинава слави 80 години од постоењето. Голем јубилеј. Што значи тоа ?

– Пред 80 години, всушност веднаш после ослободувањето, кога македонскиот јазик е веќе во слободна употреба, датираат почетоците на денешната градска библиотека „Борка Талески” – Прилеп. Во овој период се создава поширока мрежа на читалишта и библиотеки, иако податоци за библиотекарството во Прилеп датираат уште од средниот век во форма на манастирски и црковни библиотеки, од кои како најзначајна е библиотеката во манастирот „Света Богородица”- Трескавец. Прилеп е еден од ретките градови во Македонија кои можат да се пофалат со богата културна историја, ракописно наследство и културни вредности. 80 години Библиотека – Прилеп е значаен јубилеј и вреден за почит.

Според програмските активности што планирате годинава да реализирате?

Во програмата се планирани бројни активности, богата инвестициска агенда со набавка на нова литература, инвентар и внатрешно уредување на делови од објектот. Секако ќе се збогати и издавачката дејност на библиотеката, ќе се организираат голем број на манифестации и настани, одбележувања на годишнини од раѓањето и смртта на истакнати македонски културни дејци, одбележување на значајни датуми за литературата и македонскиот јазик, ќе се продолжи со примена на ЦОБИСС програмата и современите стандарди во дејноста, ќе се обрне внимание и на уписната политика и чувањето на книжниот фонд. Секако, сите овие активности  се во рамките на одобрениот буџет за оваа година, но можат во голема мера да се збогатат доколку се реши горливиот проблем со нови вработувања и на тој начин ќе може повторно да се активира подрачната библиотека во Варош која неколку години не функционира заради недостаток на кадар.

Како ќе го одбележите јубилејот?

Всушност, нашето чествување на јубилејот е предвидено да се одвива во текот на целата година со организација на значајни промоции и предавања на истакнати македоски писатели, лингвисти и историчари, како и други културни дејци. Така, веќе се реализирани значајни настани кои и тоа како ја заинтересираа културната јавност во Прилеп, а тука би ги спомнала Предавањето на тема „Жени во македонската историја” и промоцијата на книгата „Жени во македонската книжевност од 19-от век” од Д-р Славчо Ковилоски, научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор на повеќе монографии и книги и добитник на државната награда за наука „Гоце Делчев” што се реализираше во пресрет на Денот на жената 8-ми Март, како и промоцијата на Романот на годината „Единствен матичен број” од Лидија Димковска. Во почетокот на април, поточно на 8-ми, роденденот на Круме Кепески, авторот на првата Македонска граматика, ќе се реализира краток осврт на тема „Животот и делото на Круме Кепески”, како и промоција на последната објавена книга (постхумно), со неговата книжна оставина „Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески”, чиј приредувач е неговата ќерка, проф. д-р. Јованка Кепеска. Професорката, заедно со промоторката ќе го збогатат овој значаен настан со своето присуство.

Покрај сите бројни активности и настани, предвидено е и веќе се работи на новата монографија „ 80 години Јавна општинска установа  Градска библиотека Борка Талески – Прилеп”, како и  книгата „Улогата на јавните библиотеки во време на криза, а во зависност од можностите, предвидено е издавање и на Збирка раскази од роднокрајни автори. Централниот настан за одбележување на јубилејот е предвиден за октомври.

Неколку месеци сте директор. Кој беше предизвикот да бидете прв човек на институцијата и која е вашата визија за нејзин развој?

Искрено,  од најмала возраст другарувам со книгата и практично сум израсната во претходните простории на библиотеката, каде мојот татко, проф. доц. Димитар Атанасоски беше директор цели 16 години. Тој, како прв директор на Домот на култура „Марко Цепенков”, беше иницијатор библиотеката да биде префрлена на сегашната локација во одделен блок во рамките на зградата на Домот на култура. Мојот предизвик, покрај тоа што го сакам пишаниот збор, а воедно и пишувам и издавам книги, беше на некој начин мојата емотивна потреба да дадам свој придонес во развојот на библиотекарството и да ја продолжам семејната традиција во оваа дејност. Ќе дадам сé од себе и ќе се вложам во развојот на библиотеката и се надевам дека ќе успеам во враќањето на стариот сјај кој од различни причини, а особено во времето на пандемијата, полека згаснуваше.

Loading