На околу два часа од Букурешт, преку, Синаја, монденско романско туристичко место, се наоѓа Дворецот Пелеш. Сместен под Карпатите, е неоренесансен дворец, чија градба била почната во 19 век. Плени со раскошот. Заради убавината бил сниман во дизнијев филм. Бил летна резиденција на кралот Карл. Тој бил воодушевен од пределот и тука го изградил. И внатре и надворен е совршен. Во време на диктаторот Николае Чаушеску бил затворен, оти не му се допаѓал. Го отвориле по падот на вечниот претседател. Станал значајна културна и туристичка знаменитост. Има 170 соби, богато украсени. Туристите го гледаат само првиот и вториот кат. Непроценливо е богатството од слики, скулптури, злато, слонова коска, таписерии. Нема што нема. Велат дека е величествен, најатрактивен во Европа. Очите ги параат зелените градини. Сега е во фаза на реновирање за да блеска во сиот сјај.

Во близина е Бран. Тоа е еден од најпосетуваните дворци во Романија. Популарноста се должи на стокеровиот роман од кој се снимени повеќе филмови за грофот Дракула. Дворецот датира од 14 век. Имал одбранбена улога за Трансилванија и Влашко. Кога Трансилванија станала дел од Романија, припаднал на кралското семејство, на кралицата Марија. Таа подоцна го оставила на ќерка í, принцезата Илеана. Таа пак во Втората светска војна го пренаменила за болница. Таму е редицата со туристи. Трпеливо чекаат да влезат да го разгледаат. Дворецот ја отсликува автентичноста на времето во кое е изграден. Околу е можно да се пробаат романските солени и благи специјалитети.

Понатаму патот води за Брашов. Тоа е е најпознатиот трансилвански град. Плени градското јадро на нмекогашното саксонско место. Се чувствува германското и унгарското влијание. Се забележува трансилванската архитектура, калдрмисаните улици и остатоците од некогашната градска фортификација. Центарот е мал, со брашовските атракции. До знаменитостите можеу лесно да се стигне. Главниот плоштад е центар за настани повеќе од 600 години. Околу се најстарите и најубавите градски куќи. Сега се претворени во познати ресторани, кафулиња, пицерии. Тука е и градската куќа од 15 век со историскиот музеј.

Симболот на градот е Црната црква од 14 век. Тоа е лутерантски храм. Првин се викала Богородична. Се сметало дека поцрнела во 17 век од пожар. Но, поцрнела од индустријата што била значајна во 19 век. Внатре има импресивни оргули со преку 4000 цевки и значајна колекција на теписи од средновековниот период. На неколку минути е Сфори улицата, долга 80 метри. Сега е шеталиште и туристичка атракција. После е Синагогата, а зад неа и Шеј капијата, односно триумфалната порта, под која минуваат возила. Тука е и Катаринината порта. Оригинална е. Во средните векови служела како одбранбена капија. Пешки се оди до градската тврдина со мал музеј во кој може да се види макета на средновековниот град. Во близина се уште неколку кули. Блиску е жичницата за планината Тампа над Брашов, висока 960 метри. Погледот е фантастичен.

Може да се видат и Белата кула и Цитаделата. Таму се минуваат пријатни часови во прошетка и во вкусот на најдобриот перек со сирење.
Текст и фото Каролина Мицевска