Со Хана, Илина и троловите

Процеп во процес 5 во ЦК Марко Цепенков

Утре, 15. март, на пладне, уникатна можност за пријатна дружба за книга со кафе заедно со родителите и најмладата и најскапоцена читателска публика. Ќе се одржи петтата промоција од проектот „Процеп во процес, а фокусот од промотивно-едукативниот циклус  е посветен на „Илина и шумските тролови” од современата писателка Хана Корнети, фантастичен роман за младата читателска публика. Но, тоа е книга која еднакво ги опфаќа и вклучува и возрасните кои не си ги ограничуваат фантазиите, соништата и авантуристичкиот дух.

“Илина и шумските тролови” не е книга која им се чита на децата во рана возраст кога сакаме да ги заспиеме со некоја бајковита приказна. Ниту пак е приказна која би ги смирила децата кога се палави. Напротив, „Илина и шумските тролови” е книга за „малку поголеми деца” (некои формално ја категоризираат како за возраст 9+ години, но ние тука не би се држеле ригорозно до таква категоризација) која ги возбудува ионака темпераментните духови на малку поголемите деца, им го разгорува жарот за авантури.

Динамичната, питорескна и разиграна приказна за еден фантастичен свет на тролови, мириси и бои во теглички, гатачки кои никако да ја погодат иднината и многу други возбудливи ликови, појави и ситуации, ја прави оваа книга една од оние книги со кои децата веќе навлегуваат во светот на посериозните четива – четива кои им отвораат видици и ги тераат да поставуваат прашања, да си ја развиваат љубопитноста и да ја надоградуваат својата креативна фантазија. „Илина и шумските тролови” има неконвенционална и забавна нарација која ги руши некои од вкоренетите стереотипни модели за литературата за деца, модерен и често жаргонски израз, кои ја прават многу поблиска и поприемчива за детската читателска публика.

Промотор ќе биде Наташа Атанасова, гостува авторката Хана Корнети, а модератор е Александар Еленин.

Loading