МУЗИКАТА Е ТЕРАПИЈА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СТРЕСОТ

Владо Стефаноски (65), од Октетот Прилеп

Нема човек кој не ја сака песната и музиката. Никој не може да остане рамнодушен кога од грлото се лее песна, небаре славеј пее, а од очите зрачи радост. Песната е лек, терапија за намалување на стресот за оној кој ја слуша и за тој што ја пее. Песната е дел од секојдневието на Владо Стефаноски (65), кој веќе 15 години член е на Октетот Прилеп кој ја негува староградската песна. Природно е баритон, а моментно прв тенор во составот.

– Музиката отсекогаш ми била храна, лек за душата. Сум ја сакал, но во младоста не сум сакал да се експонирам многу – вели Владо Стефаноски (65), од Октетот Прилеп.

Влечел корени по мајка му и татко му кои биле мераклии за песна и игра. Како ученик, свирел на гитара и пеел на екскурзии и дружби. Додека бил студент одел во академското друштво Мирче Ацев.

Прво пеел во хорот “Пере Тошев” каде почнал кога наполнил половина животен век. Сакал да се активира, да се препушти на задоволството кое го прави среќен.  

– Тогашниот раководител ми рече, најдовме џокер, може да пее повисоко, пониско. Колегите од хорот, ме поттикнаа да заминам во октетот Прилеп каде репертоарот беше подруг. Сакав динамика, нешто ново, да се збогатува понудата на песни – вели Стефаноски.

Октетот Прилеп е основан во 1994 година и функционира под покровителство на ЦК “Марко Цепенков”. Деновиве го имаа и традиционалниот Осмомартовски концерт кој трета година се одржа и е дел од програмата на националната установа. Секогаш постои можност за подобрување на условите и начинот на работа и организација. Сите членови имаат лични обврски и успеваат ангажманот и задоволството да го усогласат и бидат продуктивни на пробите.

-Дружењето е посебно. Работиме со ентузијазам. Напорно е, обврските треба да се хармонизираат, а нема финансиски ефект. Но, музиката е дел од секој од нас. Сакаме да се одржува културата, традицијата она што не се гледа, духовното – вели Стефаноски.

Им недостасува подмладок. Отворени се за проширување на тимот, но со пеачи кои се подготвени и можат да се вклопат во колективниот настап и ги почитуваат условите, правилата и начинот на функционирање на музичкиот состав.  

Покрај поддршката од Министерството за култура и локалната самоуправа, не наидуваат на препознавање на нивниот ангажман од големите општествено одговорни компании. Но, се подготвени секаде каде што ќе бидат повикани, да настапуваат. Чезнеат да бидат прилепско, односно македонско секојдневие. Да ја разгалуваат душтата на минувачите, да потикнуваат позитивни емоции тука на аголот во градската средина, да бидат дел од настаните, манифестациите, родендените, одбележувањата, годишнините кои се случуваат околу нас. Како дар од Бога, како придобивка која се негува, како капка вода на дланката за спомен и печат на едно постоење и суштествување.

МУЗИЧКИ ЗАПИС ЗА СПОМЕН

Го финишираат проектот со кој концертот од 2017 година ќе го постават на носач на звук. Сакаат да направат пост продукција и да остане квалитетен спомен за членовите на октетот. Со Дејан и Христијан Ачкоски го напуштиле малку правецот на староградската песна, за да привлечат и помлада публика, правеле преработки на македонски шлагери во 4 гласа. 

8 ЧЛЕНА КАКО 8 БРАЌА

Октетот брои 8 пеачи: Владо Стефаноски, Здраве Тодоров, Жарко Василески, Мирче Џингоски, Славчо Бунтески, Борче Спиркоски, браќата Илија и Никола Илиески. Претседател на здружението е Никола Илиески. Меѓу себе функционираат компактно. Оркестарот пак, го сочинуваат: Роберт Стојчески, Трајче Костоски, Горан Ристески и Гоце Крстески.

УЧЕСТВО НА БРОЈНИ ФЕСТИВАЛИ

Традиционално настапуваат на Охридските староградски средби, Под кулите на Струмица, Петровденски веселби во Валандово, Саноќ седам… во Радовиш, Илинденски денови – Битола, настапувале мината година и во Штип. Секаде се примени со аплауз и воодушевување.

Loading