“Мотиви од Хераклеја” од Панде Петровски

Изложба

Вечерва од 18.30 ч. во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Мотиви од Хераклеја” од битолскиот уметник Панде Петровски.

– Во сите слики се наѕира филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиозното промислување на композициската целина, но и на поединечните целини во сликата, ако се набљудуваат само во делови – вели Панде Манојлов, за творештвото на уметникот.

Од делата блика тивок, но длабок изблик на емоциите историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но на платно, да прозборат паметниците, мермерот, исклесаните букви, да кажат елените и рајските птици од мозаикот… 

– Сликите се полни со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и одсјај од минатото. Побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи. Творештвото е автентичен порив, исполнето со лирска имагинација и сензибилитет. Тие остануваат препознатлива креација на битолскиот уметник и неговиот комплетен ликовен израз – вели Панде Манојлов.

Битолчанецот Петровски завршил во 1963 година Педагошка академија (ликовна насока) – Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учел од врвни уметници. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметници на Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво).

Соработувал со повеќе весници и списанија,. Застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризми. Од основањето во 2005 година ја раководи како координатор ликовната колонија “Де Ниро” – Битола. Со создадените неколку илјади ликовни дела, почнал од 1959 година кога ја отвора првата самостојна изложба во Клубот на резервните офицери. Учествувал на над 40 индивидуални изложби во Македонија, во Србија, Шведска и Австралија  во други земји во колективни изложби. Добитник е на бројни награди и признанија, а неговите дела се наоѓаат во повеќе галерии и музеи.

Loading