Целта на секоја држава е да стане енергетски независна, дури и ако не располага со фосилни горива. Некаде повеќе, некаде помалку, светот е изложен на интензивните климатски промени. Посебно земјите во развој како нашата. Изложени се на загаденост на амбиентниот воздух, најмногу во урбаните средини, но речиси и во сите населени области. Пред неколку дена го погледнав градот од надморска висина над 1000 метри, рано попладне, кога сиот град, а и цела Пелагонија, изгледаа како да се во некоја измаглица додека дуваше слаб јужен ветер. Помислив дека е некоја магла. Кога го отворив сајтот на Управата за хидрометеоролошки работи видов дека температурата е 20 степени, а релативната влажност само 20 проценти. Не било магла, туку таков е воздухот што го загадуваме, почнувајќи од чадот, пепелта, азотните и сулфурните оксиди од “доодениот” РЕК Битола, од стрништата палени од жителите во селата, од прашината и горењето на сé што може да гори, од моторните возила кои станаа “неопходна” потреба на секој полнолетен граѓанин и многу други фактори. Тоа е воздухот што го дишиме секој ден (освен кога дува северен ветер со брзина поголема од 4 метра во секунда). Ниту воздухот дома не е помалку загаден. Ако сте ранобудни да го проветрите станот меѓу 5 и 7 часот наутро, кога овие антропогени извори на загадување се најмали, ќе навлезе чадот од некоја маалска фурна која пече леб на кори од дрва или не знам што друго. Решението е само во квалитетен пречистувач на воздухот дома. Ама тој не може да го купи ниту некој пензионер, ниту некој со мали деца со минимална или средна плата. Затоа болниците и амбулантите се преполни. Ние кои останавме да живееме сме осудени да го дишиме овој воздух. А што тој предизвикува најдобро ќе ви објаснат медицинските стручни лица.
Предизвиците се многубројни, а можностите за справување со нив се уште главно на хартија.
Од далечната 1991 г. во тогашниот прилепски неделник Народен глас објавив подолг текст, во две продолженија, во кои првпат ги спомнав климатските промени кои всушност одамна почнале и кои особено ќе се интензивираат во наредните децении. Проблематиката во нашиот град ја прикажав математички, сублимирано со една реченица: “Енергијата и водата се две ниско поставени асимптоти на функцијата на нашиот развој и опстанок на овие простори”. Напишаното остана. За преземени мерки почнавме помасовно да зборуваме и да ги активиравме после енергетската криза со почетокот на војната во Украина и наглиот пораст на цената на сите примарни енергенси, па и на секундарните, од кои најважна е електричната енергија.
Последниве години, кога бројот на населението опаѓа, најмногу заради иселувањето на младите во развиените западни земји, а под притисок на европските стандарди кон кои се стремиме, се користат обновливите извори на енергија, пред сé сончевото зрачење. Сега се планира позначајно користење на енергијата на ветерот. Дотогаш обновлив вид на енергија беа само хидроцентралите, изградени во минатиот систем.
Обновливите извори на енергија – сонцето и ветерот, кон кои масовно се свртуваме, не се постојани. Нужно е да се равиваат заедно со складирање на енергијата со литиумски (или какви други технологии) батерии. Тие не се базниот примарен енергенс за производство на електрична енергија. Соларните панели е најдобро да се поставуваат на индивидуални куќи и индустриски објекти, зашто најрационално е струјата да се произведува на местото каде се троши, без огромни сметки за дистрибуција и пренос, се плаќаат на ЕВН и МЕПСО, а чиј дел во сметка скоро секогаш е дури повисок од испорачаната, произведена електрична енергија. Така е со индивидуалните куќи и затоплувањето на индустриските капацитети.
Но, што правиме со колективните станбени згради. Скоро сите се градени во времето на социјализмот, според “сталинистичка архитектура” (важно на народот да му обезбедиме покрив над главата). Што правиме со индустриските процеси кои бараат користење на високопритисна пареа? За ваквите случаи останува електричната или топлинската (за Скопје) енергија, добиена од природниот гас и природниот гас во технолошките процеси. Сега важи, барем во Европа, природниот гас, како фосилно гориво што ја решава загаденоста на воздухот во урбаните средини. Но, не и климатските промени кои треба да престанат да се користат по 2050 година. А потоа? Ја споменав нуклеарната енергија, заедно со обновливите извори во последниот мој текст. Има ли и алтернатива? Има, секако, само светот треба да почне поголемо вложување во науката. Имено, природниот гас е фосилно гориво со најмало учество на јаглерод и највисок удел на водород (ЦХ4). Водородот е најзастапениот гас во космосот. Значи, со одредени нови технолошки постапки природниот гас може постепено да се декарбонизира и да се претвори во водород, кој што, со извесни модификации, би се користел во постојната инфраструктура за транспорт, а би се складирал во цврста состојба. Тој е решение и за моторните возила. Тоа “озеленување” на природниот гас можеби би било вистинското решение.
Имаме министерство за енергетика, кое со години го барав со написи на Фејсбук. Се подготвува и нов закон за енергетика, во кој значајно место ќе има и складирањето на електричната енергија. Тоа на близок и среден рок ќе значи позначително учество на обновливите извори на енергија – сонцето и ветерот.
А кога сето ова се прави заради намалување на последиците од климатските промени, што правиме со втората наша асимптота – водата. Од 1981 година, кога ја добивме изворската вода од Регионалниот систем Студенчица, до денес, проблемот со бивалентно снабдување на градот со вода за пиење го решаваме со дупчење на бунари, за периодот (кој во иднина ќе биде сé почест) кога дарежливоста на изворот значително се намалува. Бунарите се дупчени преку 3 децении (до пуштањето на пречистителната станица). Таму се излеваат стотици милиони кубни метри фекална канализација. Заради тоа водата од бунарите мора да се хлорира со значително поголема количина на хлор. А, знаеме дека хлорот е отров. Хлорирањето е дозволено во одредени рамки и мириса на хлор. Тоа е објаснување за “утеха”. Дозволените вредности за секој штетен производ се смислени во тој контекст.
Уште поголем проблем се честите суши, особено во прилепскиот дел на Пелагонија. Добро е да се складира енергијата, но важно е и складирањето на водата. Дождовите во градов постепено наликуваат на оние во пустината Атакама во Чиле (нерамномерно распоредени, по неколку литри на метар квадратен, а снеговите на околните планини се ретки). Ќе треба ли нашите надлежни за водостопанство и тие од локалната самоуправа да ја посетат Атакама? Па да видиме во што ќе се претворат земјоделските површини во иднина. Решението е многу едноставно. Ниту една капка вода повеќе од предвиденото со меѓународните договори да не се пушта надвор од државава. Потребни се хидроакумулации за производство на електрична енергија. Уште повеќе за производство на храна. Еден кандидат за градоначалник, малку нестручно, го пренесе картографскиот извештај на стручњаците дека општината Прилеп располага со близу 500 профили кои можат да станат мали или микро хидроакумулации. Го исмејувавме, наместо да го сведиме податокот во реални рамки, да видиме кои профили уште имаат водотеци и да почне градба на тие мали и микро акумулации. Значајни се за одгледување на било кој земјоделски производ (ако веќе останал доволен број млади земјоделци во селата). Деценија потоа, голем број од тие профили се главно безводни. И пожарите ќе бидат почести на оние шумски површини кои останале недопрени од дивата сеча, која трае секојдневно. И да не заборавиме дека сушата, високите температури и загадениот воздух се идеални услови за развој на штетници кај растителната храна, а со тоа и прекумерна употреба на најразлични пестициди, хербициди, фунгициди…
Да завршам со истите зборови, да го вклучиме мозокот и да не дозволиме да станеме Атакама.
Миле Грданоски