Даниел Мелвил Македонска рапсодија 69

Така се спријателија Лето Шуман и Ружди. Ружди си се нарекуваше македонски Албанец. Лето согледа дека пријателот беше човек од доверба, кој останува верен на пријателството. Затоа го задржа во станот. Му помогна брзо да ги регулира односите со француските власти, благодарејќи на врските во полицијата на Париз. Му најде повеќепати работа, ама Ружди не успеваше да се задржи на едно работно место. Му објаснуваше на домаќинот:

– Ги губам работните места, оти ние не сме навикнати да молчиме, туку презборуваме. Не трпиме да не третираат без пријателство.

– Не е лесно со нашиот карактер, ама ќе ти најдам друга работа – потврдуваше Лето, кој веќе зборуваше македонски со својот станар. Му кажа дека и тој е по потекнува од Македонија.

Другпат, ќе му речеше изненадено на Ружди:

– Ама кој ти ги пикнал со инка во главата тие будалски идеи?! Се фалиш со беса, со некаква албанска сила, со зголемување на албанската територија и не знам што уште. Ајде кажи оти не си побегнал во Албанија, кај Енвер Хоџа, туку си дошол на Запад? Кој ве лаже вака вас, луѓе како тебе?

Ружди развиваше некакви “проалбански” теории, а домаќинот му ги уриваше како кули од папаски со својата неумолива логика. И со познавање на историјата на балканските народи. Лето беше единствен кој можеше така да зборува со него. Ружди беше “серт” карактер. Ама со време согледа дека неговиот станодател и пријател беше објективен човек кој се трудеше да му ги објасни работите какви што сé, а не да дозволи илузиите да надвладеат со реалноста. Покрај “потскарувањата”, и едниот, и другиот знаеа имаат реципрочно пријателство. Ружди, во својата слабост заради чувството на несигурност во странство каде не успеваше да се прилагоди, почна да сонува за брак, во кој гледаше спас од проблемите. Женидбата ќе му донесе мир, среден живот, надеж за подобра иднина, излез од лавиринтот. Мечтаеше за сопруга Албанка. Само Албанка. Лето му забележа:

– За тебе постојат само два вида жени: Албанките, кои заслужуваат доверба, почит и љубов, и сите останати жени на светов кои се ороспии и добри се само за “оние работи”!

– Лето, гледај, не смееш грбот да го свртиш, оти ќе те изневери, ќе те предаде без никакви скрупули.

– Се лажеш. Не се сите. Има секакви, и кај Албанките, и кај другите. Желбата не ти е реалност, вистина. Чудно е за човек со матура и со добра општа култура. Додуша, сум установил сличен став кај многу од муслиманите. Муслиманките биле добри за женидба, а другите се ороспии. Нема место за расистички став. Те разбирам донекаде, ама не претерувај. Така никогаш нема да најдеш мир во Западов.

Лето никогаш не му кажа на пријателот и земјак, Ружди за своите вистински работи. Му соопшти дека е трговец – претставник на една фирма, и американски државјанин. За жал, не е можно да му најде работа во својата фирма.

По извесно време, Ружди се ангажира како морнар на трговски брод. Ќе патувал низ разни земји, пари помалку ќе потрошел, ќе му се собирале, и по некоја година ќе се средел некаде, со дом, жена и деца.

– Каква жена, Албанка ли?, го праша Лето.

– Не, гледам дека тешко се најдуваат Албанки овде. Посебно не од добра фамилија, со добро домашно воспитување. Барав, па и ти ми бараше, и не успеавме. Не е важно. Само да е човек на место и добра мајка за децата.

– Гледам дека си почнал да ги гледаш работите како современ човек, а не како што било пред еден или пред два века. Ако веќе толку сакаш да станеш морнар, можам да ти помогнам.

Лето му најде работа како морнар, кај еден сопственик на бродови со кого одржуваше врски. Ружди ги остави работи, што гикупувал минатите две години во станот од Лето. Отпатува да се пријави на бродот каде беше вработен. Минеа недели, месеци. Повремено на Лето му пристигнуваше од Ружди поштенска картичка од некое подалечно или поблиско пристаниште. Неколку пати зборуваа и по телефон, оти Ружди гледаше во Шуман постар брат. Имаше потреба да зборува, да “си го наполни психичкиот акумулатор со енергија”.

 (продолжува)

Loading