Природата дарила празник за очите

Бабино, демихисарско

Општината Демир Хисар се наоѓа на југозапад од Македонија, во ридско планинска област. Околу е горниот слив на реката Црна. Гравитираат околу 40 села. Источно е планината Бушава, а западно Бигла, Плеканска и Илинска планина.

Пределот плени со убавината, со чистата природа, бидејќи е по Илинска планина, која е  богата со планинска шума и со разновиден див животински свет, пасишта, различни растенија и извори на ладна планинска вода. Задоволство  е прошетката, уживањето во прегратките на природата.

Рурален туризам се развива во селото Бабино. Се стигнува по асфалтен пат. Пријатна е климата. Во лето е ладно, а зиме е умерено студено. Селото се наоѓа меѓу три рида. Поделено е на три маала.

Жителите веруваат во легендата за старицата од Бабино, која снаите ја избркале со години да живее сама длабоко во шумите на Илинска планина. Протераната старица, лута на судбината, го проколнала целиот женски род од крајот на нејзината старост да живее осамен живот како неа. Оттука е верувањето дека селото го добило името. Друга легенда вели дека кога старите Римјани првпат ја освоиле оваа територија, почнале практика на истребување на машката популација да се олесни асимилацијата и колонизацијата. Речиси сите жени од селото со мали деца побегнале во планините и живееле со децении. Кога се вратиле да го обноват селото, сите веќе биле баби.

Околу селото се забележуваат повеќе извори. Речиси на секои сто метри на Базерничката река има по еден извор, почнувајќи од Горни ливади, па се до  вливот на Црна река. Изворите ги користи и рибникот пред селото. Празник за очите и за уживање со сите сетила. Одморот е комплетен со глетката во ресторанот на популарниот рибник, како дел од руралниот туризам. Може да се вкуси калифорниска пастрмка. Уредениот двор ја полни душата. Езерцето со водата од реката жубори, создавајќи опуштен амбиент.

Ова не е единствено урбанизирано природно богатство во демирхисарско.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading