На утрешниот празник на жената, Осми март, малку припаднички на понежниот пол ќе се потсетат за значењето на овој ден, а уште помалку знаат зошто е воспоставен овој ден за празник на жената. Еманципацијата на поубавата страна на мажите се движи бавно. Колку толку жените се избориле за рамноправност во економска, во политичка и во социјална смисла, иако празникот има симболичен статус без политички конотации. Така е создаден Меѓународниот ден на жената. Колкава е еманципацијата на жената, е друго прашање. Доволна ли е? Секако не. За повеќето жени, доволно е вниманието со цвет или роза од сопрузите или дечковците, децата и внуците… За тоа свој дел од “вината” носат жените, покрај тоа што во посовремените гледишта, тие се сé помалку домаќинка. Расти стремежот за слобода и бегство од “робувањето” на менталитетот дека жената е мајка која раѓа деца, се грижи за нив, а таткото е човекот кој е финансискиот покровител на домот. За жал, бројките покажуваат дека меѓу младите има малку волја за семејни обврски и топлина, туку посилни се амбициите и кариерата.
Во таква атмосфера се очекува и утрешниот Ден. На прогнозите за топло мартовско време, “пламен ќе гори” во сите ресторани. Жените, мајки, сестри, баби ќе ја одржуваат традицијата во свој стил. Качени на високи потпетици, со мини здолништа и длабоки деколтиња, дотерани со раскошни фризури и мејкапи, намирисани со скапи парфеми, ќе пејат песни на свирките на чалгаџиите во угостителките објекти. Ќе завијат македонско оро, ќе скокаат на “шеската” и ќе ги креваат нозете на “сиртаки” со по некој малиган повеќе. Ќе танцува дури и “танго”. Во еуфоричната клима, ќе падне некое виткање на чочек, дури на масите со дајрето в раце. И чалгаџиите ќе се китени не само со бакнежи, туку и со многу пари на саксафоните, хармониките… Ќе се стеснува орото со административки и конфекционерки, судијките и полицајките, лекарки и… Сите со кренати раце во осмомартовски транс.
Инаку, во 50 земји во светот и се слави на 19 ноември како Светски ден на мажите. И тие, на некој начин извојувале рамноправност со жената, но не економска, политичка и социјална, туку во животниот век. Машкиот празник е посветен на подигање на свеста за грижата за здравјето, со оглед дека статистички нивниот животен век е седум години покус од жените.
Раст на феминизмот
Меѓународен ден на жената е светски празник што се одбележува секоја година на 8 Март. Тоа е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Идејата за одбележување на посебен ден потекнува од почетокот на 20 век, а на неа посебно инсистирало социјалистичкото движење. Првпат Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените. Решено е да се слави Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен од од повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.
По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 Март, првпат е прогласен за празник. На запад во 1920 одбележувањето полека замрело, а оживеало во 1960 г. заедно со растежот на феминизмот. Сепак, во ниту една западна земја 8 Март не е прогласен за државен празник. Со одлука на ОН од 1975 година, 8 Март беше прогласен за Меѓународен ден на жената.