ЗАДОВОЛСТВО Е ДА СЕ ПОМАГА НА МАЈЧИН ЈАЗИК

Хирургот Златко Јаков, германското искуство и знаење го применува во родниот град

Веќе три месеци хирургот Златко Јаков сето свое знаење, енергија и посветеност несебично ја вложува на хируршкото одделение во прилепската болница. По 11 години работа во Германија, а претходно десет години во Прилеп, тој потворно е меѓу своите. Задоволство му е што е со овој народ, со кој се разбира на мајчин јазик. Тој спроведува дежурства во неговото слободно време и очекува и официјално да биде преземен и да почне да работи со новата апаратура в болница.

– Позната ми е апаратурата. Имам искуство. Од Германија го зедов најдоброто и сакам да го покажам тука. Ако сум научуил некоја процедура, врвна, светска и може да ја применам во Прилеп и некој да ги осети бенефитите, нема за мене поголема благодарност – вели д-р Златко Јаков, специјалист по општа хирургија.

Отсекогаш му постоела желбата за враќање во татковината. Од првиот ден имал цел да специјализира и да се врати. Не било едноставно. Ттребало да се создадат услови. Заедно со сопругата Габриела, постепено ги подготвувале децата, кои сега посетуваат основно училиште во Прилеп.

– Среќни се, уживаат во климата, во слободата која не можев да му ја “купам”. Ова што тие го доживуваат тука, не е лажно, туку вистинито. Задоволни се и сум успеал. Среќен сум, и јас. Работам со луѓе кои ми го разбираат мајчиниот јазик и ми даваат можност да се изразам и да допрам поблиску, побрзо до пациентот. Ги сакам сите луѓе од ова поднебје, ме разбираат и сакам да помагам. Материјалниот дел е важен, меѓутоа условите, поднебјето, семејството, социјалата, ми значат многу. Тоа го нема во Германија. Човек може тоа да го компензира со многу финансии. Така ги троши, тешко заработените пари. Времињата се бурни и кога човек е успешен, признат и прифатен, сака да се чувствува исполнет целосно. Во туѓа држава не може да се чувствува така. Во Германија има строгост и едно неприфаќање на странците, колку и да оди човек нагоре, станува болно. Такви се општествата. Каменот си тежи на местото – објаснува д-р Јаков.

Смета дека организацијата ги движи работите напред. Убеден е дека тоа може да се направи. Има луѓе кои се вредни, компетентни и останале тука.

– Никој не е подобар од нас. Дури обратно. Можам да кажам, штом од нас зависат, ние одиме таму, многу работиме, многу сметаат на нас, не е можно дома да не се организираме и да бидеме добри  како таму – вели д-р Јаков.

Инаку, во болницата треба да се вратат и неколку други доктори од специјализација, на одделението за гинекологија, хирургија и ортопедија.

Loading